Денес Градоначалникот Митко Јанчев и Биба Додева од здружението „БОРКА – За секој нов ден„ , потпишаа меморандум за соработка, а во насока на подобрување на здравствените услуги и јавното здравство на жителите на Општина Кавадарци.
Во рамки на своите активности и заложби Здружението Борка иницираше проект за формирање и ставање на функција на Комисија за заштита на правата на пациентите во Единиците на локалната самоуправа, кој е во согласност со глава 4 од Законот за заштита на правата на пациентите.
– Среќни сме и горди што Општина Кавадарци е лидер во овој процес и е првата општина со која Борка потпишува Меморандум за соработка. Тоа уште еднаш покажува дека се грижиме за здравјето на нашите сограѓани, за здравствените услуги што ги добиваат и секако со формирањето на Комисијата ќе придонесеме кон поздраво а со тоа и посреќно население – изјави Градоначалникот Јанчев.
Инаку во наредниот период ќе биде изработен план за работа и динамика за имплементација на Комисијата. По нејзиното формирање и ставање во функција, ќе работиме на едукација на населението за нивните права о и обврски и секој кој има некој здравствен проблем, ќе може да се обрати до Комисијата и да добие совет или помош во остварување на правата.
– Нашата соработка со општина Кавадарци и Градоначалникот Митко Јанчев од секогаш била на високо ниво и не случајно го одбравме Кавадарци да биде пионер во промените. Ние во Борка спроведовме анкета меѓу населението и увидовме дека Комисиите за заштита на правата на пациентите се неопходни. Затоа и инициравме вака голем и значаен проект – рече Претседателката на Борка, Биба Додева.
Членовите на комисијата ќе бидат избрани согласно Законот и на транспарентен начин и очекуваме да биде ставена во функција до крајот на годината, за што навремено ќе информираме.