Разрешен претседателот на бугарското собрание

Со 125 гласа „за“ пратениците во бугарското Народно собрание денеска гласаа за разрешување претседателот Никола Минчев. Од вкупно 239 гласа, 125 пратеници гласаа за разрешување на Минчев, 113 беа против, а само еден пратеник беше воздржан.

За разрешување на Минчев гласаа пратениците од ГЕРБ, ДПС, ИТН и Преродба.

„Барањето за мое разрешување е со иста заднина како и барањето за гласање за недоверба на владата следната недела. На пленарната седница има ново мнозинство“, порача Минчев од говорницата и додаде дека според него новоформираното мнозинство не само што не носи промени, туку цврсто ќе го зачува стариот модел на работа.

Тој побара и новиот претседавач на собранието да работи професионално и објективно.

„Во таков парламент е уште подобро да не бидам претседател бидејќи излезе дека оние што требаше да бидат ‘избришани’, сега сакаат истото да ми го направат на мене“, порача Минчев.

Премиерот Кирил Петков во својот говор му се заблагодари на Минчев за досегашната работа истакнувајќи дека тој не е разрешен поради својата работа и квалитети туку нагласи дека е жртва на новоформираната коалиција.

„Сите што денеска гласаа против Никола Минчев покажаа дека не се грижат за оваа држава, дека не ги интересира сопствената идеологија. Тие се маркетинг компании кои ги лажат своите гласачи. Се креваат завесите и не се плашиме од избори. Му благодарам на Никола Минчев за добро завршената работа, тој успеа да го води овој парламент на најдијалошки и најпрофесионален начин што можеше“, истакна Петков.

Неколку минути по гласањето, Кристијан Вигенин, претседавач на состанокот, најави пауза, а Петков даде уште една кратка изјава за новинарите на маргините.

„Во овој парламент има ново мнозинство. Се гушкаа – значи целосна непринципиелност, овие луѓе немаат морал“,
рече Петков, и изрази надеж дека во Собранието има пристојни луѓе кои се при рака и ќе можат да го надминат стравот.

Мирослав Иванов од „Продолжуваме со промената“ ќе ја извршува функцијата претседател на 47. Народно собрание до изборот на нов претседател.