Максим демантира дека е во игра со Бранко Црвенковски

Претседателот на граѓанското здружение „За Наше Куманово” и актуелен градоначалник на Куманово Максим Димитриевски демантира дека неговото здружение и политичката партија која ја формира поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски се поврзани иницијативи.

„Пред неколку месеци и официјално оваа здружение на граѓани е регистрирано со сите органи и тела на локално ниво и е исклучиво насочено кон реализација на ветените проекти кои се од витален интерес за граѓаните на општина Куманово. Јас досега неколку пати кажав дека постои иницијатива од повеќе општини во Македонија оваа локално здружение да прерасне во републичко, со крајна цел да учествува на следните парламентарни избори како реално граѓанско политичко движење од граѓаните за граѓаните.

Во тек се консултации со истакнати личности од општествениот живот, експерти, интелектуалци, стопанственици, лекари, уметници, студенти, пензионери, земјоделци, работници, општественици и други кои сакаат да дадат свој допринос во формирањето на граѓанското движење. Кога ќе се формира, кое ќе биде името на здружението и дали ќе прерасне во нов политички субјект засега не би коментирал, шпекулирал
или прогнозирал. Кога ќе се донесе одлуката јавноста ќе биде навреме информирана.

Што се однесува за вклучувањето на поранешниот претседател на РМ Бранко Црвенковски, кој особено го почитувам до овој момент со него на оваа тема и за оваа иницијатива немам разговарано“, стои во реакцијата на Мкасимовски.