74% од новите случаи и 76% од хоспитализираните со ковид-19 се невакцинирани

Министерството за здравство ја објави анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со ковид-19, во период од 06 август заклучно со 21 октомври, во која за вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

– Во период од 06.08 до 21.10.2021 на територија на државата 42.945 граѓанин, се позитивни од тестирани на ковид-19, од нив 26% биле целосно вакцинирани, односно 11.253 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19. Според статистика за изминатиов период 31.692, граѓани, односно 74% од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 76%, додека само 24% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6.08 до 21.10.2021 на територија на државата починале 1506 лица со ковид-19, 1246 пациенти, односно 83% од починатите не биле вакцинирани, а само 260, односно 17% примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас – соопштија од МЗ.

Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаат на располагање е безбедна. Оттаму упатуваат апел до граѓаните да се вакцинираат, само така ќе се постигне целта до колективен имунитет и ќе се спречи ширењето на мутации на SarsCoV2.