Копретседателот на бугарското здружение „Шемето“ во Струга, Бекир Кадриески, заминува за Бугарија.
Ова следува откако во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ) претходно денеска најави дека сака да го продолжи своето лекување во Бугарија, со образложение дека откако беше претепан во Струга, не го добил соодветниот третман од лекарите во струшката болница.
Копретседателот на бугарското здружение ќе биде пренесен на Воено-медицинската академија (ВМА) во Бугарија.
Тој, како што пренесе БНТ, тврдел оти се плаши за својот живот.
Кадриески е државјанин на Северна Македонија. Тој нема бугарски пасош, но тврди дека има бугарски идентитет.
Случајот со Бекир Кадриески потсетува на инцидентот со претседателот на, сега веќе згаснатиот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков. Пендиков беше претепан на 19 јануари пред кафе-бар во Охрид, по што со бугарски владин авион експресно беше пренесен на лекување во Софија.
Освен што се лекуваше во соседната држава, бугарските власти му обезбедија престој и лично обезбедување, а неколку месеци подоцна му беше врачено и бугарско државјанство.