Секој љубител на цвеќе треба да го знае задоволството од одгледување на клематис. Откријте колку е лесно да се биде успешен во одгледувањето на „кралицата на ползавците“…
Клематис (Clematis) претставува листопаден ползавец. Води потекло од Азија и Европа. Се одликува со бројни цветови кои ја прават идеална за секој двор или балкон. Постојат преку 200 видови, кои се разликуваат меѓу себе по бојата на цветовите, големината на растот и слично… Достигнува должина, односно висина (во зависност од видот) од 0,5-10 метри. За неговиот раст мора да се обезбеди потпора – жица, ѕид, стап, по кој ќе ползи. Бојата на цветовите може да биде бела, жолта, розева до темно виолетова, сина, црвенкаста, што секако зависи од видот.
Цвета од мај до септември. Се сади на сончеви до полусенковити позиции. Бара доста влага, па поради тоа коренот и долниот дел од стеблото треба да биде на поладно место, скриено од директните сончеви зраци.
Прашањето е како тоа да се постигне кога клематисот бара сонце? Околу билката се поставува борова кора (која изгледа многу декоративно) или пилевина/струготини кои ќе ја задржат влагата во текот на топлите летни денови. Ова е посебно битно за младите растенија. Препорачливо е, околу клематисот да се посадат пониски растенија, кои имаат послаб и површински корен, кои ќе направат сенка и ладовина. Бара почесто залевање заради големата потреба од влага. Почвата треба да е плодна и дренирана. Доколку е глиновита, треба да се додаде песок. Се прихранува секоја пролет. Расте релативно брзо, како повеќето ползавци.
Многу важен момент кај клематисот е кроењето. Постојат видови на клематис кои цветаат доста рано, со ситни цветови и таквите формираат цветови на минатогодишни гранки. Се кројат веднаш после цветањето (мај) и тоа само оние гранки кои се изумрени во текот на зимата или оние кои го нарушуваат изгледот на растението. Доколку кроењето се изврши во август или септември, цветањето во наредната година ќе биде доста слабо, така да растенијата од оваа група не треба да се кројат. Постојат видови на клематис кои исто цветаат доста рано, со покрупни цветови, а цветовите се формираат на младите гранчиња. Таквите видови се кројат пред почетокот на самата вегетација (февруари и март) на половина од својата висина.
Клематисот се размножува со резници и положеници. Резниците се земаат во текот на летото, врвовите на гранките, кои потоа се садат во саксија. Со хормон за ожилување резултатите би биле подобри.
Клематисот е идеална билка за разубавување на стари стебла, ѕидови и делови од градината како живи прегради. Она што е карактеристично за клематисот е дека симболизира генијалност.