На „Винска визија на отворениот Балкан“ учествуваат 70 винарии од Mакедонија

Белград деновиве е во фокусот на европската и светската јавност како главен град на виното, винскиот туризам и гастрономијата. На вториот Mеѓународен саем на вино наречен „Винска визија на отворениот Балкан“, под покровителство на владите на Србија, Македонија и Албанија, учествуваат над 70 винарии и дестилерии од нашата земја.

Бизнисмените бараат партнери на Саемот на вино, затоа што регионот има квалитетни вина и ракии, но недоволно познати  во светот. А таму се наоѓа и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски кој ќе се обрати на официјалното отворање на саемот.

Во рамки на посетата на Белград, утре Ковачевски ќе оствари средба со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, а ќе биде потпишан и Меморандум за соработка за воспоставување на железничка мрежа со високи перформанси меѓу Министерството за транспорт и врски на Република Македонија и Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Република Србија.

Дополнително, под покровителство на Владата на Република Македонија и во организација на премиерот Ковачевски, ќе се одржи настан „Македонска вечер“, во рамки на кој ќе има дегустација на македонски вина и храна.

На годинешниот саем е најавено присуство од над 600 изложувачи од бројни винарии, дестилерии, гастрономски компании од повеќе од 28 земји, што претставува одлична можност за воспоставување деловни релации, размена на идеи и ставови за винската индустрија пред сѐ.