Израелската армија убила најмалку 29 Палестинци додека чекале храна

Израелската армија уби најмалку 29 Палестинци додека чекаа хуманитарна помош во два одвоени напади во Појасот Газа во четвртокот, соопшти Министерството за здравство на Газа.

Во првиот инцидент, палестинските здравствени власти во Појасот управуван од екстремното движење Хамас изјавија дека осум лица загинале во воздушен напад врз центар за дистрибуција на храна во кампот Ал-Нусеират во централниот дел на Појасот Газа. Во вториот, подоцнежен напад, израелските војници отвориле оган врз маса луѓе кои чекале камиони со помош на кружен тек во северниот дел на Појасот Газа, при што загинале 21 лице, а биле ранети повеќе од 150, соопшти Министерството за здравство на Газа.

Во соопштение, израелската војска ги негираше нападите врз центрите за помош, велејќи дека извештаите се „лажни“.

„Додека изралеските сили на одбраната го оценуваат инцидентот со темелноста што ја заслужува, ги повикуваме медиумите да го сторат истото и да се потпираат само на веродостојни информации“, соопшти армијата.

Поради војната во Газа, повеќето од 2,4 милиони жители на енклавата се раселени. За време на дистрибуцијата на хуманитарна помош, имаше хаотични сцени и смртоносни инциденти додека очајно гладните луѓе се борат да добијат храна. Палестинските здравствени власти на 29-ти февруари соопштија дека израелските сили убиле повеќе од 100 Палестинци додека чекале камиони со храна во близина на градот Газа. Израел тврдеше дека наводно мажите загинале во масата околу камионите со хуманитарна помош, велејќи дека жртвите биле прегазени.

Во бегалскиот камп Ал-Нусеират во централниот дел на Појасот Газа, палестинските здравствени власти соопштија дека осум лица биле убиени во израелски воздушен напад што погоди центар за дистрибуција на храна во четвртокот.

Во Деир Ал Балах, исто така, во центарот на Газа, израелски проектил погоди куќа, при што загинаа девет лица, соопштија палестинските лекари. Жителите рекоа дека израелските воздушни и артилериски бомбардирања продолжија во текот на ноќта врз областите низ енклавата, вклучително и Рафах на југ, каде што се засолниле повеќе од милион ипол раселени луѓе.

 

Хамас бара прекин на израелската агресија

Војната беше предизвикана од нападот без преседан – според коодинираноста, масовноста и свирепоста на Хамас врз воените базаи, кибуците и градовите во јужен Израел на 7-ми октомври, во кој според израелските податоци загинаа 1.200 луѓе и зедоа 253 заложници. Истиот ден, започнаа израелските воени воздушни, поморски и копнени напади врз Газа а од 28-ми октомври започна и сеопфатна копненан инвазија во енклавата, каде според палестинските здравствени власти, убиле повеќе од 31.000 луѓе, а раниле повеќе од 71.500.

Напорите за постигнување прекин на огнот меѓу Израел и исламистичкиот Хамас досега пропаднаа. Додека Израел вели дека бара договор што ќе обезбеди ослободување на заложниците во Газа во замена за ослободување на Палестинците кои се во израелските затвори, Хамас инсистира дека договорот мора да стави крај на војната.

Доцна ноќта во четвртокот Хамас соопшти дека на посредниците им претставил сеопфатна визија за договор за примирје заснован на запирање на израелската агресија врз Палестинците во Појасот Газа, обезбедување помош, враќање на раселените жители на Газа во нивните домови и повлекување на израелската армија.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека новиот став на Хамас се заснова на „нереални барања“.

 

Можна ескалација во текот на Рамазан

Како што војната влегува во шестиот месец, Обединетите нации предупредија дека најмалку 576.000 луѓе во Газа – четвртина од населението – се на работ на глад, а глобалниот притисок се зголемува врз Израел за да се овозможи поголем пристап до енклавата.

Израел негира дека ја попречува испораката на помош за Газа. Тој ги обвинува одложувањата за неуспесите на хуманитарните агенции и го обвинува Хамас за пренасочување на помошта. Хамас го негира ова и вели дека Израел го користи гладот ​​како оружје во својата воена офанзива.

Брод со хуманитарна помош се приближува до Газа каде американската војска планира пристаниште за да дозволи дистрибуција до два милиони оброци дневно. И покрај тоа што ги поздравија бродовите со помош, палестинските и официјалните претставници на ОН велат дека поморските испораки не се замена за испраќање помош преку копнени премини.

Хамас во четвртокот повика на ескалација на протестите и нападите против Израел во Газа, Западниот Брег и Ерусалим во петок, на првиот ден од петочната молитва во светиот муслимански месец Рамазан.

Во ресторан на раскрсница во јужен Израел, војник бил избоден со нож во четвртокот, соопшти израелската полиција. Таа рече дека осомничениот напаѓач, 22-годишен од блискиот бедуински град Рахат, бил застрелан и „неутрализиран“.