Претседателката на Врховниот суд на Република Македонија, Беса Адеми, ја истакнува потребата од доследно почитување и применување на акредитациите за медиумите одобрени од страна на претседателот на Врховниот суд, како и на препораките за снимање и фотографирање во судница усвоени и објавени од Врховниот суд на Република Македонија и Судско-медиумскиот совет.
Во согласност со позитивните прописи, заложбите за отворено судство и начелата на транспарентност и отчетност, клучната цел на акредитациите и препораките, е да се заштити јавниот интерес, континуирано да се зајакнува угледот на судството и воедно да се истакне демократската улога на медиумите во општеството.
Работата на судовите и медиумите, како и работата на судиите и новинарите имаат заеднички именител, а тоа е вршење на професијата во интерес на граѓаните. Оттука, секое отстапување од овие вредности, не е во насока на заштита на заложбите за јакнење на јавната доверба и заштита на јавниот интерес во името на граѓаните, рече Адеми.
Воедно, во врска со вчерашниот случај во Основниот суд Битола за кој беше информирана јавноста од страна на медиумите, известуваме дека до Врховниот суд на Република Македонија поднесена е претставка по која се постапува во согласност со законските надлежности.
Фото: Врховен суд