НБА лига: Мајами, Детроит и Портланд славеа со кошеви во последните секунди

Кошаркарите на Оклахома Сити го обезбедија првото место во поредокот на Западната конференција на НБА лигата, откако на гостувањето ноќта кон петокот ги совладаа Индијана Пејсерс со 120:114.

Гостите од Оклахома Сити не влегоа добро во мечот и по првата четвртина заостануваа десет разлика. Сепак, гостите постигнуваа по 30 или повеќе поени во секоја наредна четвртина и завршија со 24-та победа во сезоната, со што станаа втор најдобар тим во лигата зад Кливленд Кавалирс.

Разиграниот Шаи Гилџеус-Александер ја предводеше Оклахома Сити до победата, постигнувајќи дури 45 поени со осум асистенции и седум скока. Притоа имаше одличен шут од поле 15 од 22 со 4 од 5 „тројки“. Имаше силна поддршка во Џејлен Вилијамс кој додаде 20 поени, додека Ајсаја Хартенштајн постигна 11 со 13 скока.

За Индијана, Ендрју Нембхард постигна 23 поени со седум асистенции и девет скока, додека Паскал Сијакам постигна 22 со 10 скока.

Неколку натпревари измината ноќ беа решени во последните секунди од дуелот, па Тајлер Херо постигна кош на половина секунда до крајот за победа на Мајами Хит над Орландо од 89:88. Гостите од Мајами настапија без својот најдобар играч Џими Батлер, а Херо беше прв стрелец со 20 поени, додека Алек Буркс додаде 17 со шест скока од клупата.

Најдобар играч на Орландо беше Џејлен Сугс со 29 поени, но имаше и седум загубени топки.

Кошот на Скут Хендерсон им донесе победа на Портланд со 122:120 над Јута Џез пред своите навивачи. Хендерсон постигна вкупно 18 поени со 10 скока, а први стрелци на Портланд беа Шедон Шарп и Дени Авдија кои постигнаа по 27 поени. Авдија имаше и шест асистенции и осум скока.

На другата страна Финецот Лаури Марканен постигна 25 поени со шут 8 од 14.

Најспектакуларната завршница беше онаа меѓу Сакраменто Кингс и Детроит Пистонс каде гостите славеа со 114:113 откако Џејден Ајви постигна „тројка“ на три секунди до крајот и го искачи својот тим на деветтото место во Источната конференција.

Првото име на Детроит беше Кејд Канингем, кој постигна 33 поени со 10 асистенции. Малик Бисли постигна 22, а споменатиот Ајви 19 поени. Најдобар играч на Сакраменто беше Де’Арон Фокс со 26 поени, четири асистенции и шест скока.

Ноќта од четвртокот кон петокот, Мемфис Гизлис на домашен терен ги победија Торонто Репторс со 155:126 и со тоа кошаркарите на Мемфис го поставија рекордот за оваа сезона по бројот на поени. Во две четвртини Мемфис постигна 40 или повеќе поени, а дури осум домашни играчи постигнаа двоцифрен број поени. Најмногу Зек Еди и Џерен Џексон по 21, при што првиот имаше 16, а вториот 11 скока.

Во Торонто, Реџеј Барет постигна 27 поени и остана многу блиску до „трипл-дабл“ учинок со уште десет асистенции и девет скока.

Голем пресврт направија Атланта Хокс кои ги победија Чикаго Булс со 141:133 добивајќи ја последната четвртина со дури 50:25. Пред тоа, Атланта имаше негатива од 21 поен во текот на третиот период. За Атланта, Џејлен Џонсон постигна 30 поени со 15 скока, додека Тре Јанг додаде 27 со 13 асистенции.

На Чикаго не му помогнаа 37-те поени на Зек ЛаВин, кој имаше и седум асистенции, пет скока и седум загубени топки.

РЕЗУЛТАТИ:

Индијана – Оклахома Сити 114:120
Орландо – Мајами 88:89
Вашингтон – Шарлот 113:110
Атланта – Чикаго 141:133
Мемфис – Торонто 155:126
Милвоки – Бруклин 105:111
Њу Орлеанс – Хјустон 111:128
Портланд – Јута 122:120
Сакраменто – Детроит 113:114

ТАБЕЛИ

Источна конференција
1. Кливленд Кавалирс 26 4
2. Бостон Селтикс 22 8
3. Њујорк Никс 20 10
4. Орландо Меџик 19 13
5. Милвоки Бакс 16 13
6. Мајами Хит 15 13
7. Атланта Хокс 16 15
8. Индијана Пејсерс 15 16
9. Детроит Пистонс 14 17
10. Чикаго Булс 13 18
11. Бруклин Нетс 12 18
12. Филаделфија 76ерс 11 17
13. Шарлот Хорнетс 7 23
14. Торонто Репторс 7 24
15. Вашингтон Визардс 5 23

Западна конференција
1. Оклахома Сити Тандер 24 5
2. Хјустон Рокетс 21 9
3. Мемфис Гризлис 21 10
4. Далас Маверикс 19 11
5. Денвер Нагетс 16 12
6. Лос Анџелес Лејкерс 17 13
7. Лос Анџелес Клиперс 17 13
8. Феникс Санс 15 14
9. Минесота Тимбервулфс 15 14
10. Голден Стејт Вориорс 15 14
11. Сан Антонио Спарс 15 15
12. Сакраменто Кингс 13 18
13. Портланд Трејл Блејзерс 10 20
14. Јута Џез 7 22
15. Њу Орлеанс Пеликанс 5 26