
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески денеска во салата Фросина при МКЦ го промовираше веб порталот наменет за млади MLADI.AMS.MK.
Спасески во своето обраќање ја информираше јавноста за започнувањето со работа на веб порталот mladi.ams.mk, место каде младите ќе имаат можност да се информираат за сите активности поврзани за нив.
– Како институција одговорна за креирање младински политики и поддршка на развојот на младите луѓе, во секој од чекорите кои ги преземаме, тежнееме кон инклузивност и соработка со младите. Правиме обид да ги консултираме, вклучиме и информираме. Овој сајт кој го промовираме денес додава дополнителна вредност на таквата соработка, изјави Спасески и потенцираше дека сајтот наменет за младите претставува онлајн место каде ќе можат да се информираат за сите активности поврзани со нив.
– Сајтот ќе содржи информации за значајните културни настани и манифестации, за обуки за формално и неформално образование, можности за пракса и работа за млади, сите информации за образовните институции, библиотеки, студентски попусти, но секако и опширни информации за проекти и активности на Агенцијата за млади и спорт и другите институции. Во рамки на ова, младите луѓе ќе можат да комуницираат со нашата институција, но и да ги достават своите идеи и предлози, истакна Спасески.
На крај Спасески додаде дека оваа страна ќе претставува одлична можност за меѓусебно поврзување и соработка на младинските здруженија од Република Македонија.
-Исто така, оваа вебстрана ќе претставува и место каде младинските здруженија на граѓани ќе можат да ги достават основните информации за своето работење, така што во рамките на овој сајт ќе функционира и база на податоци за младинските организации, заврши Спасески.
Во тековната година беа реализирани проекти од кој бенефит најмногу имаа младите луѓе во Република Македонија. Проектот “Млади поети” кој во текот на Септември оваа година, на објавен конкурс за избор на најдобар млад поет, учествуваа 86 млади луѓе, а во фаза на реализација се проектите за избор на млади уметници и најдобар млад програмер, со кој ги стимулираме младите луѓе да ја разбудат креативноста кај себе, но и да се запишуваат на техничките факултети. “Слободен четврток”, каде секој четврток студентите имаат бесплатен железнички превоз низ Македонија и бесплатен градски превоз во Скопје, бесплатна посета на Милениумскиот крст со жичарницата на Водно, како и бесплатен влез во театар, музеј, опера, балет, филхармонија, односно влез во сите културни институции во држават. Исто така младите уживаат и 50% попуст на билетите во железничкиот сообраќај за сите ученици и студенти, како и бесплатен железнички превоз за сите млади до 27 години во деновите петок, сабота и недела во секој календарски трет викенд во месецот.