
Според истражувањето на веб страницата GoEuro.com Скопје се наоѓа на 13. место на ранг-листата на најдостапни градови во светот во 2014 година според индексот на цените за сместување.
На објавената ранг-листа на GoEuro.com. Скопје е меѓу 15-те градови во светот со најприфатливи цени за сместување во сите категории. Њујорк е рангиран како најскап град воопшто, а Тирана како најевтин. На албанскиот главен град друштво во групата најевтини градови во светот од регионот и прават Софија, која е рангирана на третата позиција, Букурешт на седмата и Белград на деветата.
Истражувањето е направено според индекс кој ги следи состојбите во над 60.000 сместувачки капацитети во повеќе од 150 градови во светот, а чија цел е да се утврдат ефектите од новите трендови во хотелската индустрија.
Растечката популарност на глобално достапната мрежа за обезбедување сместување Airbnb и континуираниот раст на индустријата на хостели денес се сметаат како важни фактори за сите кои сакаат да патуваат и да букираат ноќевање.
GoEuro.com. е веб-страница за пребарување информации за патувања низ Европа и нуди споредби, односно комбинира опции за патувања со авион, железница, автобус или рента-кар.