Грчкиот премиер Андонис Самарас смета дека во текот на следните месеци ќе се знае дали по шест години рецесија, строги економски мерки и реформи и невработеност од 27 отсто, Грција ќе успее да направи пресврт кон подобро, пишува грчкиот весник „Етнос“.
„Има доста позивитни индикации, кои укажуваат на раст. Во четвртиот квартал на 2013 година првпат е регистриран раст, иако мал, а во 2014 година се очекува тој раст да биде поголем“, истакнал Самарас.
Премиерот додал дека позитивните успеси на туризмот од минатата година влеваат надеж дека оваа година ќе биде уште подобра, а според некои проценки оваа година Грција ќе ја посетат рекордни над 17,8 милиони туристи.
На прашањето за евентуална нова европска помош за Грција, Самарас одговорил дека земјата нема потреба од нови кредити.