
Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани златен накит, девизи, стоматолошки инструменти и материјали, пиштол, муниција за огнени оружја, цигари, текстилни производи, регистарски таблички и фалсификати.
Покрај тоа откриени се 11 илегални мигранти и две царински измами.
Задржана е следната стока:
Златен накит и девизи
– 21 парче златен накит (синџирчиња, алки, обетки, приврзоци и прстени) со вкупна маса од 145 грама, откриени на граничниот премин Блаце, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавениот накит е пронајден во една хартиена кеса сместена позади совозачкото седиште и едно најлонско кесе сместено во багажниот простор на возилото.
– 2.800 евра, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при личен претрес на српски државјанин, кој со патничко возило со словачки регистарски таблички, се пријави за излез од државата. Во џебови од палтото и панталоните на возачот пронајдени се вкупно 12.800 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи на патникот му се вратени 10 илјади евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата.
Оружје и муниција
– 1 нов пиштол марка GLOCK со калибар 45 mm, два магацини за муниција, 13 парчиња муниција за истото оружје и по 1 парче муниција за пиштол MAGNUM 357, ZASTAVA TT и автоматска пушка-калашников, откриени на граничниот премин Блаце, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Пиштолот и муницијата се пронајдени во црна пластична кутија, сокриена под патосницата позади совозачкото седиште.
Цигари
– 38 штеки цигари TROKADERO BLUE и BENSTON WHITE 100 S, со македонски акцизни маркички, откриени на граничниот премин Деве Баир, при личен претрес на две македонски државјанки, кои се пријавиле за излез од државата. Кај едната патничка пронајдени се 20 штеки цигари, а кај другата 18 штеки цигари. Во двата случаи цигарите биле сокриени околу половината и околу нозете, под облеката на патничките.
Стоматолошки инструменти
– 2.647 разни стоматолошки инструменти и материјали (клешти, огледала, пинцети, ножички, лопатки, шпатули, четкички, бургии, коронки, спирали за вадење нерв и др.) откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патниот куфер на американска државјанка која допатувала со лет од Лондон.
Разна стока
– 961 разни производи (тренерки, џемпери, шалвари, долна облека, кошули, хеланки, постелнина, прекривки за маси, шалови, украсни ленти и др.), 16,8 литри лепило, 12 килограми монистри и 30 килограми кафе, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на патничко моторно возило со грчки регистарски ознаки, со кое за влез во државата се пријавиле двајца грчки државјани. Непријавените производи пронајдени се во повеќе ќеси сместени во багажниот простор, на задното седиште и помеѓу седиштата на возилото.
– 15 матични плочи и дисплеи за автомати за игри на среќа, откриени на граничниот премин Ново Село, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените производи пронајдени се во преградата на вратата од возачката страна, во фиоката за документи и во кеса сместена помеѓу предните седишта на возилото.
– 1 комплет швајцарски регистарски таблички и сообраќајна книшка од патничко возило, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при заедничка контрола со полициските службеници од преминот, на автобус со македонски регистарски ознаки, пријавен за излез од државата. Табличките и сообраќајната дозвола се пронајдени во патната торба на патник во автобусот, македонски државјанин, кој претходно извршил привремен увоз на возилото, но наместо повторно да го изнесе од државата, го пуштил во слободен промет без претходно да бидат спроведени пропишаните царински формалности и без да бидат платени увозни давачки за истото.
Дополнително е пронајдено и запленето и возилото, марка KIA Carnival 2.9 TD.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 2.044 тоалетни води со ознака на заштитена трговска марка, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на товарно моторно возило со турски регистарски ознаки управувано од турски државјанин, пријавено за влез во државата. Возилото било натоварено со разна стока со потекло од Турција, наменета за фирма увозник од Албанија.
– 100 килограми платно со ознаки на заштитена трговска марка, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на разна стока со потекло од Турција, наменета за фирма увозник од Струмица, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје1.
– 75 готови текстилни производи (блузи и дуксери) со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава Штип, при контрола на стока со потекло од Косово, пријавена за увозно царинење за фирма увозник од Скопје.
Измама
На царинската испостава Гевгелија откриени се два обиди за избегнување на плаќање на царински давачки, врз основа на погрешно декларирање на потекло на стока.
Во првиот сучај, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење „ЛДПЕ најлонски ќеси за ѓубре“, при што приложил уверение за движење ЕУР 1 како доказ за преференцијално потекло, со цел да му се одобри царинење со стапка за царински давачки од 0%. При преглед на стоката, царинските службеници се посомневале во потеклото на стоката поради што поднесено е барање до Секторот за контрола и истраги за дополнителна проверка на истото. Врз основа на добиениот одговор, утврдено е дека пријавените производи не ги исполнуваат условите за добивање преференцијален третман, по што е изготвен Записник за утврдување на потекло на стоката и пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 65 илјади денари, а на увозникот му е изречена мандатна казна за сторениот прекршок.
Во вториот случај, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење полнила-китови, лепаци и пиштоли за ракување со нив, при што приложил фактура со изјава со авторизација како доказ за преференцијално потекло, со цел да му биде одобрено царинење со стапка за царински давачки од 0%. При физички преглед на стоката, царинските службеници утврдиле дека дел од стоката не ги исполнува условите за преференцијално потекло, по што пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 9.600 денари, а на увозникот му е изречена мандатна казна за сторениот царински прекршок.
Мигранти
На граничниот премин Богородица е спречен обид за нелегален влез во државата на 11 патници.
На граничниот премин за влез во државата се пријавило празно товарно моторно возило со бугарски регистарски ознаки, управувано од бугарски државјанин, кој изјавил дека оди за Австрија за да товари стока и нема што да пријави за царинска контрола. Поради сомневање во неговата изјава, царинските службеници, во соработка со полициските службеници од преминот, извршиле детална контрола на возилото, при што во специјално изработена преграда во товарниот дел, со димензии 242*53*120 cm, откриени се 11 сиријски државјани.
Илегалните патници предадени се на полициската служба на граничниот премин за понатамошна постапка.