Коби го помина Џордан, соиграчите го наградија со триумф

Еден од најдобрите играчи во историјата на ЛА Лејкерс, Коби Брајант го помина Мајкл Џордан по бројот на постигнати поени во НБА лигата и го запоседна третото место на листата на најдобрите поентери.

Суперстарот на “лејкерси” сега има 32.310 поени, односно 18 повеќе од “летечкиот” Џордан, но има одиграно и 197 натпревари повеќе од ѕвездата на Чикаго Булс.

Веднаш по честитките кои ги доби долу на теренот, порака преку твитер прати и самиот Џордан.

“Му честитам на Коби за ова достигнување. Тој е одличен кошаркар со силна работна етика и еднакво голема страст за кошарката. Уживав да гледам како неговата игра еволуира низ годините и едвај чекам да видам што ќе оствари следно”
, изјавил Џордан.

Пред Брајант сега се само Карл Мелоун и Карум Абдул-Џабар. Абдул-Џабар е без конкуренција најдобар со 38.387 поени, пред Мелоун кој има 36.928, бројки кои се исклучително тешки за достигнување од страна на Брајант.

Во моментот кога Брајант го претекна Џордан, Минесота на интересен начин му оддаде признание на ѕвездата на Лејкерси, стопирајќи ја играта по што следеа овации од навивачите. Сопственикот на Вулвси, Глен Тејлор на Брајант тогаш му ја врачи топката од натпреварот.

На останатите натпревари може да се издвои убедливата победа на Чикаго на гостувањето во Мајами со 75:93, како и победата на Голден Стејт на гости во Њу Орлеанс со 122:128, по продолжението.

НБА резултати:

Њу Орлеанс – Голден Стејт 122-128 (пр)
Мајами – Чикаго 75-93
Вашингтон – Јута 93-84
Минесота – ЛА Лејкерс 94-100
Оклахома – Феникс 112-88
Њујорк Никс – Торонто 90-95(пр)
Денвер – Сан Антонио 91-99