
Таканаречената ОНА вторпат за кус период застана зад експлозиите што се случија во близина на полициски станици, како и зад гранатирањето на Владата. Нема информации дали зад печатот на УЧK се кријат поединци или организација, но впечаток е дека сите мијат раце од каква било поврзаност или информација за тоа кој стои зад амблемот на поранешната ОНА. Од МВР велат дека истрагите во врска со експлозиите на двете бомби кај полициските станици во Kуманово и Тетово се во тек, објавува Дневник.
ОНА преку соопштение до медиуми на албански јазик ја презеде одговорноста за експлозиите, кои на 9 декември одекнаа во близина на полициските станици во Тетово и во Kуманово.
– Вечерта на 9 декември во 20 часот единиците на ОНА на координиран начин нападнаа во близина на полициските станици на Бит-пазар во Скопје, специјалната единица „Илинден“ Скопје, Тетово, Гостивар и Kуманово – се вели во соопштението на Ослободителната народна армија (УЧK).
И во второто коминике, освен соопштението преку кое таканаречената ОНА ја презема одговорноста за експлозиите, има допис со политичка содржина, потпишан од извесен Kуштрими. Тој нагласува дека земјата се наоѓа пред нова војна и го повикува меѓународниот фактор да дејствува пред да дојде до ескалација на ситуацијата.
– Во сите албански предели од Македонија сме сведоци на полициски притисок. Ги повикуваме сите учесници во политиката да имаат чувство за нееднаквоста низ која минуваме, инаку земјата ќе оди во погрешна насока. Албанците имаат што да кажат и за името, знамето и за сите државни знаци. Затоа, внимавајте со нив во процес – вели Kуштрими.
Специфично е дека коминикеата се потпишани со тоа име. Нема информации дали намерно или случајно соопштенијата се потпишани со командантското име на Харун Алиу. Алиу или познат како командант Kуштрими на ОНА за Арачиново и поранешен лидер на партијата Национална алтернатива, кој важеше и за мозокот на АНА, беше убиен во полициска акција во скопско Радуша во 2010 година. Тогаш беа убиени уште тројца албански терористи кои се возеле со комбе полно со оружје. Алиу го организира убиството на полицискиот специјалец Зоран Марковски во скопска Автокоманда во јануари 2008 година. Убиството било поради одмазда за акцијата „Планинска бура“ во Бродец 2007 година. Алиу избега веднаш по егзекуцијата на „тигарот“, но во отсуство беше осуден на доживотен затвор.
Пред две недели таканаречената ОНА извести и дека нејзини вооружени формации патролираат во Тетово.
Од МВР велат дека интензивно се работи во соработка со надлежните јавни обвинителства за идентитетот на сторителите, по што ќе може да се дознае повеќе и за нивните мотиви.
– Вакво слично соопштение беше доставено неодамна до одредени медиуми, па истрагата покажа дека тоа е испратено од ИП-адреса во Швајцарија. Јавниот обвинител беше информиран за наодите во истрагата, но тој проценува дали е потребно да побара соработка од тамошните истражни органи за идентитетот на испраќачот – изјави Иво Kотевски, помошник на министерот за односи со јавност при МВР.
Од ДУИ, партијата што произлезе од ОНА, тврдат дека немаат никакви информации кој би можел да стои зад коминикеата и упатуваат на МВР. Од партијата на Али Ахмети велат дека коминикеата не им се тема и дека за тоа не расправале во партиските тела. Од таму додаваат дека амблемот на УЧK може секој преку интернет да го симне и да го (зло)употреби.
За ова нема коментар ни поранешниот генерал на ОНА, а сега потпретседател на Централното претседателство на ДУИ, Гзим Острени:
– Немам информации кој би можел да стои зад соопштенијата потпишани од Kуштрими и со амблемот на ОНА. Не сум разговарал со никој на оваа тема ниту, пак, во партијата станало збор за коминикеата.