Иванов на прослава на празникот Свети Никола во Прилеп

Со света божествена литургија во црквата „Свето Благовештение“, со која чининачалствуваше владиката Петар, денеска Прилеп го започна прославувањето на празникот Свети Никола, светец-заштитник на градот, соопшти МИА.

ivanov_pp (1)Во центарот на градот, пред параклисот на Свети Никола на молитвата и кршењето на светиниколското лепче присуствуваа претседателот на државата Ѓорге Иванов, началникот на Генералштабот на АРМ Горанчо Котески, градоначалникот Марјан Ристески, пратеници, претставници на домаќините на годинашнава прослава од Мермернкиот комбинат и голем број граѓани.

Честитајќи им го празникот на прилепчани, владиката Петар нагласи дека добрите дела се вистинската прослава на големиот светец Свети Николај.

– Како што тој правел добри дела, заштитник на сиромасите, болните, морнарите, така и ние да се угледаме на тоа во духот на христијанската и православната традиција, рече владиката Петар.

Првите честитки за градот и за празникот ги упати претседателот на државата Иванов пред параклисот на Свети Никола во центарот на Прилеп.

–  Посакувам секој ваш празник да го поминувате во многу слога, со многу успеси и многу просперитет. Да имате слога во вашите семејства, рече претседателот Иванов, упатувајќи ги и првите честитки за престојните празници.

Претседателот Иванов на посната трпеза во центарот на градот доби и порција од посни сарми, грав и риба, а потоа ја проследи изложбата  на слики и икони посветени на Свети Никола во Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Годинава, потенцира градоначалникот Ристески, градот слави и 1000 години роденден, откако градот се споменува во пишаните документи.

– Од вчера имаме многу убава вест за инвестиција, со помош на владата за преку 1000 вработувања во градот. Навистина Свети Никола го штити Прилеп, рече Ристески.

Годинашниот домаќин за прославата на Свети Никола, Мермернкиот комбинат приготви посна трпеза поставена во ценатрот на градот на булеварот „Гоце Делчев“. Приготвени се 60 илјади посни сарми, по 350 килограми  грав и риба и 2 тони вино и други пијалоци. Генералниот директор на Мермерниот комбинат, Илијаз Ригопулос упати честитки за градот.

– За љубов и вера во срцето собрани сме денеска тука заедно да го прославиме христијанскиот празник Свети Никола, рече Илјаз Ригопулос, генерален директор на Мермернки комбинат.