Aтентаторoт на папата Јован Павле Втори го посети неговиот гроб

Турскиот екстремист Мехмет Али Агџа, кој во 1981 година пукаше, но не успеа да го убие папата Јован Павле Втори, го посети неговиот гроб во Ватикан и положи букет цвеќе.

На италијанските полицајци Агџа им рекол дека „чувствувал потреба да го направи тоа“.

Овој крајно несекојдневен гест на еден поранешен атентатор доаѓа 31 година откако папата Јован Павле Втори, по своето опоравување од атентатот, го посети Агџа во затворот во Рим и му прости за обидот да го убие.

Престојот на Турчинот, кој сега има 56 години во Ватикан, е првата негова посета на Светата столица по 13 мај 1981 година, кога на плоштадот Свети Петар во присуство на илјадници верници и туристи, се обиде да го убие тогаш популарниот католички поглавар, првиот што потекнува од една источноевропска земја,од Полска.

Во тие години на Студената војна и длабоката идеолошка и општеставена поделба на Европа, атентатот врз „полскиот папа Војтила“ ја распали пропагандната војна меѓу Западот и Истокот, па двата истрела на Агџа без означени како обид на Москва и на нејзиното КГБ, да се казни папата за неговиот антикомунизам и за силната подршка што тој и полската католичка црква му ја даваа на движењето „Солидарност“ и на неговиот лидер Лех Валенса.

Како помагачи на КГБ и на Агџа, Западот посочи неколкумина Бугари кои работеа во Рим, во претставништвото на бугарската авионска компанија „Балкан“, а за кои се тврдеше дека биле оперативци на бугарската тајна служба.

Според таа теза, „бугарската врска“ во Рим, што ја предводел директорт на претставништвото Сергеј Антонов, требало да му обезбедат бегство на Агџа по атентатот, но целиот план пропаднал.

Турскиот екстремист беше уапсен, а „бугарската врска“ разбиена, откако дел од Бугарите побегна во Бугарија, а остана само Антонов, кој беше уапсен и суден во Рим.

Оваа теорија на меѓународен заговор се провлекуваше петнаесетина години се до падот на комунизмот и таа ништо прецизно не докажа, освен што за атентатот, Западот ги обвинуваше КГБ и комунизмот, а Истокот вината за тоа им ја прикачи на ЦИА и на антикомунизмот.

Али Агџа беше осуден на доживотен затвор, но во ќелијата на затворот во Рим остана 19 години. Беше пуштен и протеран во Турција, каде го упасија за едно „старо кривично дело“, поврзано со убиството на левичарски новинар, па остана затворен уште десет години, овојпат, во турски затвор.

При апсењето беше утврдено дека тој бил припадник на една тајна ултрадесничарска организација во Турција, позната како „Сивите волци“. Беше потврдено и дека пред атентатот, престојувал извесно време во Софија, но ни тој не објасни зашто пукаше во папата Јован Павле Втори.

Портпаролот на Ватикан потврди дека Али Акџа по втор пат побарал средба со сегашниот папа Франциско, но дека одново бил одбиен.

– Сосема е доволно што остеви цвеќе на гробот на Јован Павле Втори, рекол за римските весници ватинакскиот портпарол.