Дека објавувањето на научни трудови во врвни меѓународни научни списанија со импакт фактор не е научна фантастика и нешто непознато, говорат податоците кои се однесуваат на практиката во земјите од регионот. Вреднувањето на научните трудови е посебно уредено во секоја од нив.
Македонските професори кои со години немаат напишано и објавено труд во меѓународни признати списанија изминатиов месец се најгласни против реформите во високото образование според кои најмалку два пати во период од пет години треба да објават свој труд во научни списанија со импакт фактор.
Професори кои имаат нула објавени трудови, е најчесто опозицискиот професорски кадар кој со години има влијание на државните факултети. Меѓу оние кои немаат трудови меѓу професори и асистенти има декани од највлијателните државни факултети, односно Економскиот и Правниот.
Борче Давитковски, декан на правниот факултет, Ана Павловска Данева, Љубомир Данаилов Фрчкоски и Гордан Калајџиев, Љубомир Дракулевски, декан на Економскиот факултет, Бобек Шуклев, поранешен декан на Економскиот факултет, Ристо Малчевски, Мирјана Најчевска, Љубомир Цуцуловски, Петар Атанасов, Каролина Ристова Астеруд, Ванчо Узунов, Рената Тренеска Дескоска, како и потпретседателот на СДСМ, Радмила Шекеринска се македонската професорска елита со нула трудови со импакт фактор објавени во реномирани списанија.
Но, да не одиме подалеку туку да се задржиме на правилата кои за професорите владеат на Балканот. Еве како е во одредени држави:
Словенија
Словенија има Агенција за истражување и модел според кој има избрано фирма која е овластена од надлежното министерство за да ги следи и дотерува податоците за сите истражувачи. Базата се нарекува SICRIS (Slovenian Current Research Information System) и на неа има регистрирано 14.634 истражувачи. Секој истражувач е задожен да доставува податоци за сите негови научни активности кои се бодираат различно, согласно Правилник. Најмногу бодови се добива за трудови објавени на Web of Science. Бодовите се делат со број на автори на трудот (за да се избегне трупањето на куп автори на еден труд). Доколку списанието е во првите 20% според импакт факторот од областа добива 120 бода, ако е во наредните 20% се добиваат 80 бода, а во последните 60% се добиваат 60 бода. За другите активности се добиваат неспоредливо помалку бодови, на пример, за труд објавен во национално списание, 10 бода, за труд објавен во зборник од конференција (proceeding) се добиваат само 5 бода, а во апстракт дури 1 бод.
Моделот во Словенија е особено почитуван и се смета за еден од најдобрите заради што постојано е предмет на инстерес и инспирација дури и за развиени европски земји.
Хрватска
За избор и напредување во звања, менторства, раководење и учество во научно-истражувачките проекти и во Хрватска исто така, еден од главните услови е бројот на објавени трудови во списанија на базата на Web of Science. Пописот на истражувачи го води Министерството занаука, образование и спорт согласно правилници кои ги донесуваат Министерството и Агенцијата за високо образование.
Србија
Во Србија за вреднување на резултатите од научно-истражувачката работа на истражувачите предвид се земаат исклучиво само трудовите во списанијата во базата на Web of Science, а се останато во неспоредливо помал обем и значење. Научните списанијата во базата на Web of Science во Србија се согласно Првилник кој го донесува министерот поделени во три групи:
(М21): Врвни научни списанија кои се во првите 30% списанија од соодветната областво базата на Web of Science
(М22): Истакнати научни списанија кои се наоѓаат помеѓу првите 30% и 50% списанија од соодветната област во базата на Web of Science.
(М23): Меѓународни списанија кои се наоѓаат помеѓу крајните 50% и 100% списанија од соодветната областво базата на Web of Science.