Мистериозниот брод полн со мигранти пристигна во Италија

Товарниот брод кој требаше да отпатува од Грција во Хрватска го смени правецот кон Италија, откако упати повик за помош во близина на островот Крф.

Околу 700 мигранти пристигнаа денеска во Италија, а полицијата и морнарицата истражуваат како мигрантите кои воглавно се од Сирија, останале скриени на бродот „Блу Скај“ додека пловел кон хрватското пристаниште Ријека, пишува британски Телеграф.

Откако молдавскиот товарен брод упати СОС повик во близина на островот Крф кај Грција, воен хеликоптер и два патролни брода се упатија кон него, но инспекцијата не покажала никаков технички проблем, ниту нешто друго сомнително на бродот.

Во медиумите се појавија шпекулации дека трговците со луѓе го напуштиле бродот кога властите се приближиле до нив во водите на Јадранското море, на границата меѓу Грција и Италија, но засега овие информации не се потврдени.

На бродот му беше дозволено да го продолжи патот, а потоа беше пресретнат од италјанската крајбрежна патрола, поради сомневање дека бродот е полн со илегални мигранти, а кон брегот се приближува со помош на автопилот.

фото: Telegraph.co.uk