К15, кој со години, па и децении наназад преку хумор и сатира низ своите скечеви на некој начин го креираше јавното мнение – си замина од ТВ екраните. Неговите протагонисти Цацко, Миле и Тошо, сиве овие години покрај хуморот се обидуваа паралелно да бидат успешни и во неколку други бизниси. Но, од се друго што пробаа да направат, им останаа само смешките… И чувството дека сите други, а најмногу владата, им се виновни за нивниот неуспех, пишува порталот Вистина.мк.
Ним им беше дозволено се’ и сешто и секого да критикиваат, со се’ што ќе им падне на ум да се подигруваат, да се зафркаваат, исмејуваат, измотаваат… И никој, ама баш никој за тоа не им забележил ( не барем јавно), не ги опструирал, малтретирал, уценувал, заканувал, забранил…!
К15 колку што е познато, никој не ги укина. Тие се самоукинаа. А беа фантастични. Како и сумите што ги заработуваа. Не, тие беа научнофантастични. Кога за 200 евра се снимаше реклама, тие наплаќаа по 5000. Плус екстра пари за секое емитување. Кај нив се чекаше ред за да ти снимат реклама. Види, можело. И дечките решија: „Ај ќе правиме бизнис“. Ама ако те бива за смешки не значи дека си добар и во се друго!
Направија добри пари, па решија да направат и маркетинг агенција која не проработе за други освен за нив самите, а нејзиниот прв човек кого во тоа време често го имаше и во нивните скечеви, виде-невиде, си замина.
Комичарите од К15 направија и видеопродукција која не сними ниту еден музички спот освен повторно оние, снимени за нив самите и нивното „Дуо-трио“… И секако еден-два спота за тогашната група „Багаж“ на покојниот брат на Бубо, Трајко Каров и можеби уште еден два… и толку. Овие последниве, повторно наплатени за научнофантастични цени за тоа, а камо ли за ова време.
Нејсе, мислеа дека парите се во угостителството, оти народот нели и кога му е најубаво и кога му е најтешко „кисне“ во кафеана, па „дечките“ направија и кафеана. „Тутуноберачите“, ќе да беше. Како почна, така и заврши. Најчести гости во неа беа самите тие и нивниот мал круг на пријатели, а најголеми потрошувачи – повторно поединци од нив самите. Само што многу повеќе пијеа од што заработуваа. И што друго можеше да се случи освен неминовното, „Тутуноберачите“ – пропаднаа! Всушност не веднаш, зошто местото го изнајмија Пеѓа и Гроздан, познати скопски угостители и менаџери, денес сопственици „Тренд“. И како што е редот, местото го препородија, направија шема, го наполнија со народ, заработија и си го отворија првиот од споменатиот ланец лоунџ ресторани и клубови.
Кога колата почна сериозно оди надолу, „дечките“ од К15 се свртеа кон државата. И денес се говори за милионскиот договор во денари со МТВ, за нивното преоѓање на националниот сервис. Само што времето ги беше полека прегазило, смешките им беа се побледи и понеубедливи, репризите бајати, а гледаноста се помала… Добија и свој ТВ канал на сателитската ТВ ТАРБС, кој го полнеа со стари епизоди од нивните „дневни дози“ и музика со македонски спотови, гратис добиени од националниот сервис. Нивно беше само да ги шибаат по дијаспората, особено во Австралија, и… И да „збираат спанаќ“!
И тоа им беше малку, па на крај се осоклија и направија и своја телевизија. не ни почнаа да работат, а веќе ја продадоа. К15 ТВ, со старата излижана концепција, старите епизоди на Цацко, Миле-Паника и Тошо Малерот… едноставно не ја биваше.
По се што направија, решија да му се вратат на стариот бизнис- скечевите. Ама враќањето на „мала врата“ на големите К15 беше исто толку неуспешно, колку и сите нивни споменати бизниси кои немаат врска со хуморот, а завршија „смешно“. Или подобро речено, трагикомично.
И наеднаш почнаа виновни да им бидат сите околу нив. Пријателите им станаа непријатели, спонзорите-душмани кои им го „свртеле грбот“, теливизиите и нивните уредувачки политики медиуми без сенс за она што е добро, а државата „кум“ на сите нивни недаќи?!
Пуштените приказни меѓу народот за „Исповедта кај Папата“ им стана главен аргумент за нивниот неуспех, без да сакаат самите да си признаат дека ниту еден папа нема да ти го прости гревот што самиот ќе си го нанесеш! Се уште не можат да се помират дека нив ги згази времето, дека медиумски се самоубија… А како што е познато, ниту Папата, ниту било кој друг „поп не пее“ кај самоубијци!
Бубо Каров (Цацко) како да заборавил дека како активист на опозицијата во нивно време на нетранспарентен начин,(оти тогаш таков не постоеше) „лапаше“ милионски тендери, додека други не можеа ниту кафено лажиче да сркнат од медот!
Сега кога по своја вина остана „со прстот в уста“, олкава уста отворил по медиумите оти за неговата моментална состојба, виновна е владата.
Бранко Огњановски (Миле -Паника) на својот новотворен портал Паника.бе, да не е владата не би имал што да објави. Освен старите излижани К15 клипчиња, секако. Така му е наједноставно. Кога немаш што да кажеш, најлесно е да „плукаш“ по оние што имаат. И да кажат и да направат!
Така со гаранција стануваш портал на годината. Под услов, по принципот: „нати го -дајми го“, наградата да ти ја доделува мала група… истомисленици. Поинаку, со таква концепција и толкава читаност можеш да ги излажеш да го отворат единствено оние кои од името на порталот ги разбираат само последните две букви: бе, бее, бееее…!