
Поголем број членови на Сириза пред седум години преку писмо објавено на партиската интернет страна побарале Грција да не се противи на нашето уставно име, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Оваа информација повторно ја актуелизира кандидатот за пратеник на Неа Димократиа од Солун, Костас Гулекас, во интервју за грчкиот портал Crashonline. Грчките медиуми ова го толкуваат како бомба информација на Гулекас, според кого Сириза всушност го саботирала грчкото вето за членството на Македонија во НАТО. Грчките медиуми коментираат дека 193 истакнати членови на Сириза своевремено наводно настапиле против грчките позиции за прашањето за интеграцијата на Македонија во НАТО.
„На 17 ти март 2008 ма , 17 дена пред големата битка на грчката Влада со САД, Германија и други големи европски сили на НАТО Самитот во Букурешт, група од 193 истакнати членови на Сириза потпишаа и објавија текст во кој што ни повеќе ни помалку, се потценуваше националната линија на Грција за одбивање на интеграцијата на пј Р Македонија во НАТО под името Македонија, додека да се најде заемно прифатливо решение”, пренесуваат грчките медиуми.
Во обидот за добивање политички поени во овој предизборен период и нанесување штета на противниците, се вадат и стари и неактуелни информации со дискутабилна веродостојност. Така е и со горенаведената дезинформација според која што Македонија наводно требало да биде примена во НАТО под уставно име, иако факт е дека приемот требаше да биде под привремената референца, согласно Времената спогодба. Денес пак, за разлика од 2008 ма кога Сириза не именувала со уставното име, лидерот на партијата Алексис Ципрас ја користи привремената референца, а неговите ставови за името и за македонското малцинство воопшто не се разликуваат од грчката државна црвена линија. Единствената дилема што се наметнува е дали по евентуалната победа, Ципрас за разлика од своите претходници, ќе ја почитува Времената спогодба и пресудата од Хаг.
Во писмото на Сириза од 2008 година, пак, се вели дека неговите потписници сакаат да потсетат дека нема да биде искомпромитиран никаков национален интерес доколку Грција и дозволи на соседната земја да го задржи уставното име. Тие го обвиниле грчкиот национализам дека легализирал војни и охрабрувал етничко чистење, создавајќи бранови од бегалци. Потсетувајќи на планот на Самрас Грција да граничи со Србија и на ембаргото за Македонија на Андреас Папандреу, од Сириза тогаш нагласиле дека тие нема да дозволат грчкото општество да биде затруено со фантазии за Македонизмот, како и натамошно потценување на мирот и солидарноста меѓу луѓето на Балканот.