Австралија Опен: Сепи направи сензација – го елиминираше Рожер Федерер

Дури во третото коло на Австралија Опен се случи првата сензација – вториот носител Рожер Федерер е елиминиран од Италијанецот Андреа Сепи.

Сепи одигра маестрално и славеше во четири сета со 6:4, 7:6, 4:6 и 7:6, што е негова прва победа во 11-от меч против Швајцарецот. Ова е првпат по 14 години Федерер да биде елиминиран во третата рунда на Австралија Опен.

Италијанецот во следното коло ќе игра против Ник Киргиос, кој во три сета беше поуспешен од Тунижанецот Јазири.

Енди Мареј немаше поголеми проблеми за да го победи Жоао Соуса со 6:1, 6:1, 7:5, за разлика од Бугаринот Григор Димитров, кој се изнамачи против Маркос Багдатис и славеше со 3:2 (4:6, 6:3, 3:6, 6:3, 6:3). Чешкиот тенисер Томаш Бердих во три сета го мина Виктор Троицки со 6:4, 6:3, 6:4.

Кај женскиот дел од турнирот, руската тенисерка Марија Шарапова обезбеди пласман во четвртото коло по денешната убедлива победа со само два загубени гема во дуелот со Зарина Дијас.

Ако во претходното коло се изнамачи против Панова и спасуваше меч топка, овојпат на Шарапова и беа потребни само 62 минути за да ја победи Дијаз, славејќи со 6:1, 6:1.

Пласман понатаму обезбедија и Пен, Гергеш, Макарова, Букард итн.