Полска успеа да направи вистинско изненадување откако во четвртфиналето ја совлада репрезентацијата на Хрватска.
“Коцкестите” важеа за едни од главните фаворити за освојување на златниот медал, но на патот им застана селекцијата на Полска, од која загубија со резултат 22:24.
Најефикасен во полската репрезентација беше Јуркевич со 6 погодоци, додека кај хрватите Дувњак и Копљар постигнаа по 5 гола.
Репрезентацијата на Катар пак, која е вистинска сензација на турнирот, успеа да ја совлада и селекцијата на Германија.
На дуелот каде делители на правдата беа нашите Начевски и Николов, натурализираните катарци ги совладаа “панцирите” со 26:24 и изборија историски пласман во полуфиналето на Светското првенство.
Капоте со 8 и Марковиќ со 6 гола беа најефикасни во редовите на домаќинот, додека Генсхајмер со 5 гола беше најефикасен кај Германците.
Светскиот првак Шпанија, во реприза на финалето од последниот Мундијал, славеше над Данска со 25:24, а Канељас беше таличниот ракометар за својата репрезентација кој на две секунди до крајот постигна ефектен погодок и ги уништи данските надежи за титула на ова првенство.
Валеро Ривера со 10 голови ја предводеше Шпанија, додека кај Данска по 5 гола постигнаа Хансен и Егерт.
Франција се чини ја темпираше формата и токму во завршницата на турнирот ги покажува своите најдобри игри. Тие без проблем ја минаа Словенија забележувајќи лесна победа од 32:23. Нарсис со 6 и Карабатиќ со 5 гола беа најефикасни на мечот.