Професорите преку Сенатот побараа дијалог со Владата за измени или за нов закон за високо образование

Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје му предлага на Министерството за образование и наука во најкус можен рок да иницира сеопфатна расправа од која би произлегол предлог за нов закон за високо образование.

Тоа е одлука од денешната седница на Универзитетскиот сенат, за која ректорот на УКИМ Велимир Стојковски со допис го информира министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.

– Универзитетскиот сенат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на својата 26 седница одржана на 30.1.2015 година, донесе Одлука да Ви предложи во најкус можен рок да иницирате расправа со наставниците, студентите и сите релевантни чинители во процесот на високото образование, заради сеопфатна, стручна и темелна анализа од која ќе произлезе предлог за промени, односно нов закон за високото образование, пишува Стојковски во писмото до Адеми.

Ректорот наведува дека одлуката на Сенатот е резултат на определбата на државата и мисијата на Универзитетот за квалитетно образование, компатибилно со европското, како и на заедничката улога и одговорност во унапредување на образовниот систем и зачувување и развивање на националниот интелектуален и научен потенцијал, а во врска со последните измени во Законот за високото образование и Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.