
Претседателот Ѓорѓе Иванов и претставници на дипломатскиот кор акредитирани во земјата, денеска во Нов Дојран, присуствуваа на осветувањето на водата и фрлањето на светиот крст во Дојранското Езеро, по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици.
Церемонијата се одржа на познатата дојранска плажа „Калдрма“, а најсреќен меѓу петнаесетината што се пуштија по светиот крст беше Ристо Стамов од дојранското село Николич. Тој од претседателот Иванов доби подарок крст со македонски рубин.
„Ова ми е втор пат како го фаќам светиот крст. Првиот пат пред две години ми донесе вработување,а сега сакам да ми донесе здравје,среќа и бериќет.Со тој благослов ќе го носам светиот крст во сите христијански домови во општина Дојран,“ рече славоносецот Ристо Стамов, пренесе МИА.
Дводневниот престој на шефот на државата Иванов и дипломатите на југоистокот од земјата заврши денеска со прошетката по крајбрежјето на Дојранското Езеро.
Претседателот на Иванов и претставниците на дипломатскиот кор денеска, порано, во Гевгелија присуствуваа и на презентацијата на инвестициските можности на општините од југоисточниот регион.
Во организација на општина Гевгелија, инвестициските можности пред шефот на државата Иванов и неговите гости ги претставија градоначалниците на Гевгелија Иван Франгов, на Богданци Анастасија Олумчева, на Дојран Борче Стамов и градоначалникот на Валандово Николче Чурлиновски.
Иванов и дипломатите во Гевгелија ја посетија и националната установа Музеј на општина Гевгелија, како и реновираниот споменик на културата, Амамот, во кој е сместена ликовната галерија на Гевгелија.
Престојот во Гевгелија на Иванов и дипломатите е по повод приемот што традиционално го организира шефот на државата за новогодишните и божиќните празници за членовите на дипломатскиот кор.