На Македонија и требаат најмалку 9.800 работници од градежниот сектор

Клучните активности за 2015 година на проектот Градење на капацитети на градежните работници – Обука за енергетска ефикасност влегуваат во конкретна реализација во рамки на предвидените на проектот Build up skills.

Главните цели на проектот Градење на капацитетите на работниците во градежниот сектор е да ја подготви и Република Македонија во делот на квалификацијата и преквалификацијата на градежните работници, со акцент на обука и едукација на работниците во градежниот сектор. Тој еидентификуван како сектор кој најмногу може да придонесе во постигнување на параметрите на ЕУ Стратегијата 2020 за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија во градежниот сектор.

Подготвени се материјали и модули за обука на кадар во градежниот сектор во делот на енергетската ефикасност во градби.

-Следната активност е да се обучат тренери кои понатаму ќе ги обучуваат градежните работници во Македонија. Повикот за обука на тренери, Стопанската комора на Македонија, како координатор на овој проект, ќе го објави на 5 март 2015 година во дневните гласила, на порталот на Стопанска комора на Македонија и на веб страната на проектот Buil up skills, – истакна Јадранка Аризанковска, проект менаџер на денешната прес – конференција во Стопанската комора на Македонија.

Со досегашните активности на BUILD UP skills во Македонија се идентификуваа приоритетните занимања во градежниот сектор и бројот на потребни обучени градежни работници во областа на енергетската ефикасност кој Македонија треба да го достигне до 2020 година, за да ја имплементира превземената законска обврска. Анализите во документите „Статус кво“ и „Патоказ“ покажаа дека на Македонија ќе и требаат најмалку 9.800 работници во градежниот сектор, а најприоритетни ќе бидат следените 5 занимања во градежниот сектор, за кои обука ќе се спроведе до крајот на годинава:

1. обвивка на зграда;
2. застаклување;
3. покрив;
4. електрична инсталација;
5. вентилација, ладење и греење.

-Овие 5 обуки кои се идентификувани како клучни од анализата направена во градежниот сектор, ќе обезбеди нивно вклучување како приоритетни во националната карта во Македонија Целта е да се подобри состојбата на занимањата, односно да се добие стручно подготвен кадар во градежниот сектор за градење на енергетски ефикасни градби. Овие занимања понатаму ќе бидат дел од неформалното образование. – нагласи Ристо Иванов, координатор на Проектот.
Реализацијата на овие обуки влезе и во Оперативната програма на Владата на РМ за професионална обука во следната година. Тоа значи дека материјалите подготвени за обуките, сертифицираните тренери и неопходните пропратни документи ќе бидат на располагање на тренинг центрите во иднина за да ги имплементираат во континуитет овие обуки за градежни работници кои треба да градат објекти според критериумите за енергетска ефикасност.

Во текот на годинава ќе бидат реализирани и други активности. Ќе биде спроведена обука на 200 обучени и сертифицирани обучувачи-тренери, по 40 за секое од 5-те занимања. Овие обуки ќе бидат соодветно подготвени за верификација од страна на Центарот за образование на возрасни. Процедурата за верификација ќе отпочне во текот на проектот.

Илјада сертифицирани работници кои имаат претходно работно искуство во делот на енергетската ефикасност ќе дополагаат испити од новите модули за признавање на дипломата. Проектот ќе овозможи 1000 работници од 5-те приоритетни занимања да добијат СЕРТИФИКАТ за стекнато знаење и искуство во минатото од областа на енергетската ефикасност. Веќе е формирано и Сертификационо тело кое ќе ја врши сертификацијата на градежните работници. За оваа активност предвидено е и активно вклучување на градежниот сектор кој ја има најголемата придобивка од овој проект.

Педесет градежни работници на терен ќе бидат обучени за енергетска ефикасност во рамките на проектот во пилот – фазата. Понатаму овие обуки ќе бидат дел од владината програма и ќе се одвиваат во континуитет.
Новина е тоа што обучените тренери и градежни работници ќе можат да работат во Република Хрватска, согласно потпишаниот Меморандум на взаемно признавање на сертификатите, кој беше потпишан меѓу националните конзорциуми на Република Македонија и Република Хрватска.

Конзорциумот за имплементација на овој проект во Република Македонија е составен од: Стопанската комора на Македонија, како координатор на Проектот, Факултетот за електротехника и информатички технологии, Центарот за образование на возрасни, Здружението на бизнис-консултанти „Креација“, Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој – ЦеПроСАРД (Здружение на граѓани) и Факултетот за бизнис и економија од Скопје.

Втората фаза на оваа Европска иницијатива паралелно се спроведува во 20-тина земји на ЕУ (30 европски земји беа во првата фаза), а Република Македонија и Република Хрватска се единствени од регионот. Македонија е единствена земја која не е членка на ЕУ, а го доби овој проект и тој ќе биде координиран од страна на Стопанската комора на Mакедонија.