
Вистинска зима со ниски температури и снег имаше низ цела Европа годинава, а сега кога е при крај многумина се прашуваат каква пролет не’ очекува.
Во јужна и во источна Европа, имаше активна зима, а прогнозите се дека ќе имаме многу бурен почеток на пролетта, која ќе донесе со себе голема опасност од поплави.
Климатските промени ќе направат проблеми во земјоделството, особено на Пиринејскиот полуостров и во речиси целиот источен дел на Стариот континент, прогнозираат метеоролозите од Аccuweather.
Најголема закана за поплави на Балканот и во Италија
Најголеми предупредувања за поплави има за целиот Балканскиот полуостров, вклучително Грција и западна Турција, и за централна и јужна Италија. Комбинацијата од обилни врнежи од снег во текот на зимата, кој наврна во големи количества, како и постојаните ветрови, ќе доведат до зголемен ризик од поплави. Прогнозите се дека снегот ќе почне многу бргу да се топи.
Со зголемувањето на температурите кон крајот на пролетта и почетокот на летото, опасноста од поплави ќе биде заменета со сериозни непогоди во Бугарија и во Романија.
Силното невреме, проследено со грмотевици, ќе носи со себе и ветришта, обилни врнежи од град, а во некои случаи можно е и појава на торнада. Прогнозите се дека ова ќе се случи кон крајот на април и почетокот на мај.
Франција, Белгија, Холандија и Германија ги очекува многу лошо време
Додека делови од Романија и од Бугарија можно е да бидат погодени од тешки климатски услови, иста сериозна опасност најверојатно ќе ги загрози и североисточниот дел на Шпанија, Белгија, Холандија и Германија. Неколку многу силни бури, проследени со грмотевици, би можеле да ја погодат дури и Швајцарија.
Метеорологот Тејлор Ројс вели:
– Најголемата закана ќе биде поврзана со моќни ветришта и обилни врнежи од град. Најсилните бури возможно е да донесат дури и неколку торнада во делови од Франција и од Германија, кон крајот на сезоната.