
Премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска во Владата им доделија решенија за отпис на долговите на граѓани од најранливите категории.
Премиерот Груевски рече дека обврска на Владата е да се грижи и да им помага на разни категории граѓани кои се соочуваат со социјален ризик.
-Солидарноста и основната човечка потреба да се помогне кога е најпотребно и да се подаде рака кога е најтешко претставуваат основен темел на култура и на почитување на вистинските вредности. Токму солидарноста и подадената рака не збогатуваат како луѓе и не потсетуваат на нашата заедничка опстојба и меѓусебната взаемност. Не постои човек кој во животот не се соочил со проблеми и немал потреба од помош. Токму затоа треба да си помагаме секогаш кога можеме и кога е потребно. Обврска на Владата е да им помага на разни категории граѓани кои во одрден момент се соочуваат со социјален ризик. Во духот на нашите заложби, засновани на начелата на хуманизам, социјална праведност и солидарност, изминатата година ја донесовме мерката за еднократен отпис на долгови. Оваа мерка е наше изборно ветување и беше наменета директно да им помогне на граѓаните на кои тоа им беше најпотребно, истакна премиерот Груевски.
Исто така тој додаде дека во рамки на проектот за еднократен отпис на долговите се поднесени вкупно 41.765 барања, а досега има 9.000 изготвени решенија. Отпишаните долгови се во вредност од 900 милиони денари. Најголем број од отпишаните долгови се за сметки за струја, кредити и кредитни картички, како и за радиодифузна такса и топлинска енергија.
Премиерот воедно им се заблагодари на вработените во институциите, компаниите и банките за соработката во рамки на проектот и потенцира дека Владата и во иднина ќе продолжи да им помага на граѓаните, кога им е најпотребно.
Еднократниот отпис на долговите се однесува на примателите на социјална помош и постојана парична помош, на невработените кои активно бараат работа повеќе од 12 месеци, како и на лицата чиј брачен партнер е починат или болен, па поради тоа се во неможност да ги исплатат заостанатите сметки.