
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Владо Мисајловски, во рамките на денешната работна посета на општина Свети Николе оствари средба со градоначалникот на општината, Зоран Тасев. На истата беше разговарано за проектите од областа на патната инфраструктура во општината, кои се во надлежност на Јавното претпријатие за државни патишта меѓу кои и за претстојната рехабилитација на локалниот пат Амзибегово-Црнилиште, која треба да започне во наредниот период.
По средбата Мисајловски и Тасев го посетија градилиштето на автопатската делница Миладиновци- Штип во делот на општина Свети Николе.
Во општина Пробиштип, директорот Мисајловски и градоначалникот Тони Тоневски, направија увид во состојбата со двете свлечишта кои се појавија во овој период предизвикани од обилните врнежи во овој регион.
На свлечиштето кое се појави на регионалниот пат Пробиштип- Крупиште кај село Неокази, превентивно се санира коловозот до негова целосна санација. Второто свлечиште кое се појави кај село Ратавица, како што истакна Мисајловски, ќе отпочне да се санира од петок.
Во насока на подобрување на безбедноста во сообраќајот од наредниот месец претстои поставување на нова сообраќајна сигнализација и опрема на регионалниот пат Страцин- Кратово- Пробиштип- Крупиште во должина од 54 километри, инвестиција во вредност од 19,5 милиони денари.