Јавното обвинителство на Република Македонија достави покана до Европската Комисија за испраќање на меѓународни експерти кои би биле во тек со предметите кои ги води обвинителството, а произлезени од последните актуелни случувања.
-Иако јавното обвинителство има капацитети и единствена законска надлежност за водење на истражна постапка, сепак ја поканивме Европската Комисија преку свои претставници, а во интерес на јавноста и заради намалување на сомнежите за објективноста во постапувањето, да сведочи за транспарентноста и објективноста во работата на јавните обвинители. До Јавното обвинителство на Република Македонија пристигна одговор од Европската комисија во кој ни се заблагодаруваат за поканата и позитивно јa оценуваат нашата заложба, наведуваат во соопштение.
Во одговорот ЈО е известено дека Европската Комисија во моментов нема да врши надворешната експертиза во содржината на било која поединечна кривична постапка.
-Притоа во дописот е истакнато дека сметаат дека единствено надлежно тело да ја цени објективноста или транспарентноста на активностите на јавните обвинители е судот од прва инстанца ( и во случај на жалба апелациониот суд). Јавното обвинителство повторно ја искажува својата отвореност и покана за меѓународни експерти од ЕУ. Ценејќи ги домашните закони и европските стандарди, а во насока на намалување на сомневањата во јавноста, јавното обвинителство и натаму ќе продолжи со транспарентноста и подготвеноста за соработка со сите релевантни фактори, наведуваат од Јавното обвинителство.