Шилегов: Наследстовотo на кое се повикува Бонева вреди 30 илјади евра

Наследството на кое се повикува Силвана Бонева, во обидите да ја оправда вртоглавата сума од 360 илјади евра изнесува 30 илјади евра, тврди денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

„Тоа покажува лично нејзината пријава до Антикорупциската комисија во февруари лани. Две куќи и земјоделски земјишта, за кои до Антикорупциската комисија се изјаснила дека се стекнати со наследство и во вредност од околу 30 илјади евра. Далеку е оваа сума од 360-те илјади евра колку што чинат по пазарна вредност двата стана на име на вашите два сина, госпоѓо Силвана Бонева.  Координаторката на ВМРО-ДПМНЕ, Бонева во три Анкетни листови по ред наведува ИМОТ НА ДЕЦА од 375 евра. И лани во февруари во Анкетниот лист на Бонева стои имот на деца, заштеда  од 375 евра“, вели Шилегов.

Шилегов исто така прашува доколку е вистина тврдењето дека синовите на Бонева заработувале по 10 до 15 илјади евра од работа на проекти зошто тие пари таа не ги навела во анкетниот лист од февруари 2013 година бидејќи тогаш се уште живееле во заедница.