
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, испрати барање за спроведување референдум на локално ниво до Државната изборна комисија и до Општинската изборна комисија – Центар.
Советот на општина Центар донесе одлука за распишување референдум на локално ниво на подрачјето на општината, со цел изјаснување на граѓаните за изгледот на фасадата на ГТЦ.
Согласно членовите 42 и 43 од Законот за референдум и други облици на непосредно одлучување на граѓаните, одлуката се доставува до ДИК и до ОИК-Центар, со барање да се подготви и спроведе референдумот во согласност со законската регулатива.
На 26-ти април во општина Центар ќе се спроведе референдум, на кој граѓаните ќе одговорат на следното прашање: “Дали сте за тоа да се задржи автентичниот изглед на фасадата на Градскиот Трговски Центар – Скопје?“.
Одлуката на референдумот се смета за донесена, ако за неа се изјасниле позитивно мнозинството од вкупниот број на граѓани кои излегле на гласање, доколку гласале повеќе од половина од вкупниот број граѓани запишани во изводот од избирачкиот список во општина Центар.
Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.
Доколку на референдумот се донесе одлука да се задржи автентичниот изглед на ГТЦ, Советот на општина Центар е должен, во рок од 60, дена од објавување на резултатите на референдумот да донесе одлука за утврдување на изгледот на фасадата на ГТЦ.