
Тешка престрелка на кампусот при универзитетот Гариса во Кенија била пријавена утрово. Во тој момент, во зградата биле 800 студенти, а досега се знае само за 280 од нив.
Маскираните милитанти упаднале во кампусот на универзитетот каде ги одвоиле муслиманските и христијанските студенти.
Најмалку 15 се убиени при денешниот напад на вооружените лица на милитантската група Ал-Шабаб на универзитетот Гариса во Кенија.
Националната полициска служба на Кенија вели дека вооружените милитанти пукале кон стражарите на кампусот со цел да влезат, предизвикувајќи „жестока престрелка“. Напаѓачите успеале да влезат во еден од студентските домови, а некои останале заробени внатре.
-Убивме многу луѓе, Кенијците ќе бидат шокирани кога ќе влезат внатре, изјавил еден од милитантите, а пренесува Би Би Си.
Еден од студентите изјавил дека слушнал како милитантите ги отворале вратите и ги прашувале оние кои се криеле внатре дали се муслимани или христијани.
-Ако си христијанин, те убиваат на лице место“, изјави студентот.
Бројот на заложниците кои се држени од групата не е познат, а полицијата и воените сили велат дека се обидуваат да ги исфрлат вооружените лица од кампусот.
За сега се претпоставува дека 65 лица биле повредени, а најмалку 15 лица се убиени.