
Вработените во администрацијата во општините кои се под контрола на најголемата опозициска партија СДСМ и коалицијата, се под жесток притисок да одат на протестот во Прилеп кој е закажан за утре, објави „Курир“.
Порталот пишува дека вработени во трите општини каде градоначалници се кадри на СДСМ и опозициската коалиција, Струмица, Куманово и Општина Центар, кои поради притисоците и стравот од губење на работно место сакаа да останат анонимни, сведочат за вербални притисоци и закани со цел да отпатуваат на утрешниот собир кој го организира СДСМ во Прилеп.
Тие биле задолжени покрај нивно задолжително присуство да доведат на протестот и по еден возрасен член од најтесното семејство. Се организирале и автобуси кои се најмени од општините кои се под опозициска контрола.
Според сведочењата, најмногу притисоци имало во Струмица бидејќи желбата на раководителите на општината била да се покажат и истакнат пред лидерот на СДСМ и струмички градоначалник Зоран Заев, кој пак целосно им го препуштил работењето во општината поради обврските во Скопје.
Такви притисоци се забележани и во централната скопска општина со која раководи Андреј Жерновски, особено во ЈП Паркинзи на општина Центар (ПОЦ), каде директор е Саша Богдановиќ.
Досега не добивме ниту потврда, ниту демант за ваквите тврдења за притисоци.