
Министерството за транспорт кон средината на следниот месец ќе почне со уредување на плажата во Лагадин. Проетот ќе чини 75 милиони денари, а плажата ќе биде готова во август летово, пренесува Курир.
Плажата Лагадин се протега почнувајќи од хотелот „Два бисери” кон југ во должина од 500 метри, зафаќајќи го просторот помеѓу патот Охрид – Св.Стефан – Пештани – Св.Наум и водената површина од езерото.
На оваа површина се предвидени повеќе содржини чија позиционираност ќе може да им послужи на корисниците.
На плажата ќе има сервисен пункт, два шанка, два објекта со тоалети, тушеви и гардероби, објекти за сместување на лежалки и чадори, игралишта за деца, две платформи во вода, два мола за прифаќање на чамци, педалини и др. пловни објекти.
Во средниот дел од плажата ќе бидат поставени две дрвени платформи во езерото во групација од четири шестоаголници, изведени со дрвени колови, греди и даски.
На плажата ќе бидат организирани делови со лежалки и чадори, дел со балдахини и слободни песочни делови за корисници кои сакаат сончење на песок, кабини за преслекување, тушеви, спортски терени за фудбал и одбојка на песок, детски игралишта, опремени со реквизити, куќички за спасители, јарболи со државно знаме, клупи , натписи/информативни таблоа и др.
На плажата покрај високата вегетација се организирани зелени оази со тревни површини и убави сенки. По целата должина на плажата ќе бидат посадени палми кои треба да го донесат духот на медитеранот.
ФОТО: Курир.мк