
Легендарниот француски фудбалер Ерик Кантона во текот на својата кариера беше познат по храбрите изјави, а така продолжи и по пензионирањето.
Во разговор со новинарите во Шангај, во кус рок успеа да даде две изјави кои не се слушаат секој ден.
-Каталонија го освои СП во 2010-та година. Шпанија го освои со 10 играчи на Барселона во тимот. Шпанија не го освои СП, туку Барселона, Каталонија, изјави Кантона и додаде дека кризата на „Фуријата“ ќе помине.
Колку за потсетување, во финалето против Холандија на СП во 2010-та година Шпанија во својот состав имаше седум фудбалери од Барселона.
Додека светот се расправа кој е подобар, Лионел Меси или Кристијано Роналдо, Французинот има свој фаворит.
-За мене Хавиер Пасторе е најдобар фудбалер на светот. Гледав два меча на ПСЖ само поради него и неговите асистенции. Тој поседува нешто посебно, фудбалот е интерактивна игра, а Пасторе секогаш ќе ве изненади. Не дава некои посебни голови, но има фантастични додавања. Тој е најкреативниот играч на светот, а јас го сакам тој вид на фудбал, објаснува Кантона.