Со пилот-мерките на Владата се очекува вработувања на 250 лица

Во рамките на оперативниот план за вработување, Владата подготвува три односно две пилот- мерки и една веќе позната мерка за намалување на невработеноста. Огласот за двете пилот-мерки ќе биде објавен на 3 февруари и истите се настанати како резултат на анализата и истражувањата на пазарот на трудот. Првата мерка е наречена прва шанса и се однесува на лица до 29 години, кои имаат завршено високо образование, но не се вработени. Најпрво Владата ќе помогне за 50 лица во оваа категорија, а потоа доколку има интерес, бројката може и да се зголеми.

„Во рамките на мерката прва шанса, ќе се поврзат овие млади лица со завршено високо образование и работодавецот, а државата ќе помогне три месеци со субвенции од 13 илјади денари. Работодавецот треба да ги задржи на работа, во следните шест месеци,“ изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Втората мерка се однесува на обука за стекнување со работни вештини односно полагање за возачка дозвола Д категорија.Истата се однесува на оние лица кои имаат положено Ц категорија најмалку две години пред објавување на огласот.

„Државата ќе обезбеди бесплатна обука од Ц во Д категорија и ќе ги покрие сите трошоци за полагање. Лицата кои ја завршиле обуката во рок од три месеци треба да се вработат, а за овој кадар според информациите од Здружението на транспортери има интерес, бидејќин е дефицитарен,“ изјави Ѓорѓиев.

Третата мерка која веќе постои три години е обука кај познат работодавец со субвенции при вработување, а се опфатени две категории на граѓани, лица до 29 години и лица од 50 до 59 години кои имаат потешкотии за наоѓање на работа на пазарот на труд.

„Лицата кои ќе бидат прифатени од работодавецот, од државата ќе добиваат 5.700 денари за време на обуката која е предвидена да трае три месеци. Работодавецот има обврска да задржи најмалку 50 отсто од лицата на обуката. Во првите три месеци државата ќе исплаќа 13 илјади денари за лицата кои ќе бидат задржани.Работодавецот овие лица има обврска да ги задржи 12 месеци,“ изјави Ѓорѓиев.

Единствен услов за реализација на овие три мерки е лицата да бидат евидентирани во Агенцијата за вработување, како активни баратели на работа. Ова воедно е и повик за сите оние кои се пронаоѓат во некој од овие огласи, а до сега не се пријавени во Агенцијата, да се пријават.

Се очекува со овие мерки да се вработат 250 лица, а средствата кои ќе се одвојат од Буџетот се 12 милиони 200 илјади денари (198 илјади евра).