Женската ракометна репрезентација на Македонија до 19 години се квалификуваше на Европското првенство кое во август ќе се одржи во Валенсија, Шпанија, откако успеа да ја забележи и втората победа во квалификациите.
По триумф над Исланд со 22:20, вчера младите македонски ракометарки, ја совладаа селекцијата на Холандија со 26:19.
Теодора Ќерамичиева која постигна 10 голови, беше најефикасна во македонскиот состав, додека Ангела Тодоровска придодаде 6, а Сара Ристовска беше стрелец на 4 гола.
Ова беше натпревар од 2.коло во првата квалификациска група, чиј домаќин е Скопје.
Денешниот, трет дуел со селекцијата на Црна Гора кој е закажан за 18.30 часот директно ќе решава за првото место на табелата.