
Во Спомендомот АСНОМ во Делчево ВМРО ДПМНЕ вечерва одржа трибина за актуелните состојби во државата.
На трибината говореа градоначалникот на Делчево Дарко Шехтански, министерот за здравство Никола Тодоров и пратениците Илија Димовски и Антонио Милошовски.
Отворајќи ја трибината градоначалникот Шехтански ги поздрави присутните граѓани и гостите од париското раководство, а потоа направи краток осврт на реализираните проекти од патната и комуналната инфраструктура во Делчево и населените места, со средства од Владата на Република Македонија и од општинскиот буџет.
– Реконструирани се повеќе локални патишта, изградени се десетици улици, детски игралишта, просторно се проширени детската градинка, основните и средното училиште, истакна Шехтански.
Пратеникот Димовски предупреди дека граѓаните се соочени со деструктивните сили од СДСМ, кои сакаат со лаги, клевети, сечени, лепени и монтирани материјали од незаконско прислушкување, да сеат раздор и омраза, да ги спречат реформските процеси, економскиот подем, старнските инвестиции и новите вработувања.
-Се обидуваат да ја преиначат волјата на граѓаните, да дојдат на власт без изборен резултат, рече Димовски и додаде дека разликата меѓу нивниот начин и стил на владеење од оној на владата на чело со Никола Груевски е во тоа што тие даваат нереални ветувања, не држат до дадениот збор, кога се на власт забораваат на граѓаните, на земјоделците, на студентите и учениците.
Според Димовски лидерот на опозицијата Зоран Заев, ни малку не се раликува од неговите претходници, дури и ги надминал со заканите, клеветите.
-За да им се оддолжи за услугите тој најавува спремност за насилство и крвопролевање. Ние нема да дозволиме нарушување на спокојството и мирот во Република Македонија, заради остварување на неговите болни политички амбиции, порача Димовски.