
Кореографката Искра Шукарова од 22-ри до 30 април во Берлин ќе реализира два проекта – „Роболеро“ и „Техники на манипулација на движење“.
„Роболеро“ беше изведен лани на интернационален фестивал во Софија, а оваа година со поддршка на Министерството за култура ќе биде презентиран како работилница на студенти – едукативен дел од програмата на Танзфабрик во Берлин, пренесува МИА.
Изведувачи се танчарите Викторија Илиоска, Бистра Делиниколова и Елена Ристеска, а музичкиот дел е на Валентин Димановски.
Делото „Техники на манипулација на движење“, пак, Шукарова го презентираше на фестивалот Локомоушн 2014.
Во соработка со Викторија Илиоска и Елена Ристеска, Шукарова со оваа програма ќе ја оствари продукциската резиденција во Берлин, во рамки на Танзфабрик и Уферстудиос. На крајот на резиденцијата таа ќе има јавна презентација пред тамошната професионална и поширока публика.
Меѓународната резиденција за делото „Техники на манипулација на движење“ е организирана од Центарот „Локомотива“-Скопје, како дел од нејзината соработка со европската мрежа за изведувачки уметности – АПАП.