Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, не го крие задоволството по извонредниот настап на нашата женска младинска селекција, која во голем стил обезбеди пласман на ЕП во Шпанија. И самиот Мукаетов, како и целокупната македонска ракометна јавност, во овие млади девојки ја гледа иднината на овој спорт, кој во женска категорија забрзано тонеше до турнирот што минатиот викенд се одржа во Скопје.
„Ова е момент што навистина влева верба, што треба да ни даде на сите нас една нова енергија. Девојчињата покажаа дека сакаат да играат, имаат талент, знаење, квалитет и карактер, имаа и одлично водство од селекторот Симе Симевски и целиот стручен штаб. Оваа генерација млади ракометарки реално би требало во следните петнаесетина години да биде базата за идната А репрезентација и ние како федерација ќе им дадеме максимална поддршка.
Уште еднаш би сакал да им честитам на сите девојки и на стручниот штаб и да се надеваме дека ова ќе биде еден дополнителен поттик, една пресвртница на онаа надолна линија што ни се случуваше во женскиот ракомет и ќе биде добра основа за постигнување на уште подобри резултати во иднина. Трите победи по ред кои нашите младинки ги одведоа на врвот од групата на претстојното ЕП во Шпанија, се доказ дека треба и натаму да продолжиме да ги следиме сите селекции, од најмала возраст па нагоре. Како претседател на Федерацијата, јас сум особено горд на резултатот и се надевам дека и досегашните скептици ќе ја дадат поддршката која младите ракометарки навистина ја заслужуваат. Ова е голема сатисфакција за нас како Федерација бидејќи бевме прилично ‘прозивани’ околу тоа дали е паметно да се вложуваат напори и средства во сите генерации. Ова е, за сега, една од потврдите за исправноста на стратегијата за развој на ракометот на оваа федерација.
Веќе имаме база од околу 2000 млади ракометари и ракометарки кои треба да ја претставуваат иднината на македонскиот ракомет и особено ни е важен нивниот развој и континуитет на натпреварувања. Веќе се подготвуваме да аплицираме за нови шампионати на следниот конгрес на ИХФ, за организација на Светски првенства во младите категории, додека кај ЕХФ ќе следи поделбата по дивизии, па ќе видиме најпрвин во која група ќе се најдеме, со оглед на фактот дека севкупниот рејтинг на нашите младински селекции не е премногу висок поради долгото отсуство од натпреварувањата во минатото. Планираме да ја искористиме секоја прилика што ќе ни се укаже за да донесеме што повеќе ракометни настани во нашата земја и да придонесеме за уште поголем развој и што подобро етаблирање на македонскиот ракомет.
Јас сум задоволен од резултатите што ги остваривме во текот на досегашниот мандат, но сметам дека секогаш се може повеќе. Можеби некои од проектите кои ги имаме започнато, би сакале да се реализираат поскоро, но во пракса и на терен работите се одвиваат со послаб интензитет од оној кој го посакуваме или планираме. Нам ни е битно да поставиме солидни темели на систем кој во пракса вистински ќе функционира. Нашата амбиција како раководство на РФМ останува иста, тоа е добивање на што поголема масовност, засилено присуство на ракометот во помалите градови во Македонија, а секако, не се откажуваме ниту од големиот сон, машката сениорска ракометна репрезентација на Македонија да се пласира на ОИ во Рио де Жанеиро“ – оптимистички гледа кон иднината Живко Мукаетов.