
Општина Аеродром почна да објавува текстови со коишто се промовира работата на невладините организации на нејзината територија со кои активно соработува, како и активностите што ги реализираат овие здруженија.
Денеска ќе биде промовиран Институтот за демократски развој и соработка – ИДРС Скопје, чија цел е да помoгне во зајакнување на личните капацитети, како и капацитетите на различни владини и невладини институции. Мисијата на оваа организација е да овозможи континуирано и доживотно учење за различни категории граѓани, со што тие ќе ги надополнат и освежат стекнатите знаења.
Целите и задачите на ИДРС се однесуваат, пред сѐ, на придонесување со своите активности насочени кон развој и соработка во општествената, научната и технолошката сфера, континуиран демократски развој на институциите, организациите и здруженијата.
ИДРС е организација која е отворена кон предлози за заеднички проекти со релевантни партнери од областа на дејствувањето на организацијата, особено проекти наменети за промоција на интегративни и креативни решенија за збогатување на културниот живот на граѓаните.
Институтот за демократски развој и соработка и Општина Аеродром интензивно соработуваат последниве неколку години. Позначаен заеднички проект е обуката што се одржа во рамките на летната школа на Општина Аеродром под наслов „Медијација – вонсудско решавање конфликти“. Целта на оваа обука беше граѓаните да се запознаат со основните знаења за медијацијата и другите начини на вонсудско решавање на споровите, како што се преговарањето, помирувањето и арбитражата.