Наскоро повик за изградба и концесија на автопатот Гостивар-Кичево

Изминативе години направивме сериозни инвестиции и реализиравме голем број на проекти во патната инфраструктира, а фокусирани сме и на туристичкиот развој, кои се од големо значење за граѓаните, рече Груевски денеска во Охрид.

-Минатата година отпочнавме со изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид  во должина од  57 километри. Проект кој согласно утврдениот рок за градба ќе биде целосно реализиран до јануари 2018 година. Капитален проект за целиот регион и за Република Македонија која за секој реален човек значи позитивна работа. Проект на кој во огромен дел работат македонски работници и македонски компании. Проект кој еден мал дел на луѓе пробуваат да го извалкаат, не за друго, туку од едноставна причина што ние го градиме овој автопат, што тие само го говореа а никогаш ништо не направија. Бидејќи нивниот гнев и нивната омраза потекнуваат од тоа зошто ние реализираме капитални проекти и создаваме дела. Тие со нивната омраза и нивниот гнев, ние со нашата работа и нашите дела. Со нашите проекти кои значат за секој граѓанин на нашата држава, рече Груевски.

Нагласи дека автопатот Кичево – Охрид  ќе биде дополнет и со уште еден капитален проект на кој посветено со години работат, а тоа е изградба на автопат Гостивар – Кичево, кој ќе значи поврзување на автопатот Скопје-Гостивар и новиот автопат Кичево – Охрид.

-Денес сакам да најавам дека како што кажавме така и правиме. На минатата седница на Владата веќе ја усвоивме физибилити студијата за овој проект и ја донесовме и одлуката за почеток на постапката за изградба на автопатот Гостивар – Кичево преку концесија, а набрзо ќе ја биде објавен и повикот за избор на концесионер кој ќе ја гради оваа автопатска делница која ќе биде во должина од 47 километри и со која Скопје и Охрид ќе бидат целосно поврзани со автопат. Во регионов за реконструкција на регионалниот патен правец Струга – Дебар изминативе години инвестиравме околу 10 милиони евра за 50 км, а на кој во месец мај почнуваме со поставување на нова сообраќајна сигнализација и опрема од околу 100 илади евра, рече Груевски.