Минатата година се случиле 130 несреќи при работа

Во 2014 година според извештајот на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) се случиле 130 несреќи при работа од кој 42  биле фатални. Стапката на смртност според овие податоци изнесува 6,03 проценти, односно на секој сто илјади  загинуваат 6 вработени. Стапката на смртни случаи е зголемена во споредба на 2013 година кога изнесувала 4,8 отсто, пренесе МИА.

Ова денеска го истакна Фатмир Сарачини од МЗЗПР на одбележувањето на 28 април, Светскиот ден за безбедност и здравје при работа кој оваа година се одбележува под мотото „Вклучи се во градење култура за превенција за БЗР”.

Од 34 градови во Македонија, информира Сарачини, во 25  се случиле несреќи при работа.

-Скопје е град со најмногу несреќи, а потоа следат Струмица и Битола. Во 2014 година најмногу несреќи имало во дејноста Јавна управа и одбрана задолжително социјално осигурување, дејности на домаќинствата како работодавачи, дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби, истакна Сарачини.

Според него наголем број несреќи кои резултирале со смртни случаи има во дејноста на домаќинствата како работодавачи, дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби и транспорт и складирање.

– При извршената анализа најмногу несреќи и смртни случаи имало во четврток, а најголем број на повреди во вторник. Според резултатте добиени од анализата според месеци најмногу несреќи се случиле во јули, кога и се случиле најголем број смртни случаи. Најмногу повреди при работа се случиле во февруари, истакна Сарачини.

Според податоците најголем број несреќи им се случиле на лица на возраст помеѓу  45 и 54 години, а најголем број на несреќи со фатален исход се случиле во категоријата на работници на возраст од 55 до 64 години. Од 130-те несреќи при работа, само три несреќи им се случиле на жени.

Националните награди за добра пракса на БЗР за 2014 година ја добија компаниите ЕВН и БиМилк.