
Во рамките на 15. конгрес на ВМРО-ДПМНЕ кој се одржува во Куманово, беше усвоена конгресна повелба која ги оцртува контурите на идните движења на партијата.
Најголемо внимание се посветува на економијата, привлекувањето на странските инвестиции и поддршка на домашната економија преку развојот на малите и средни претпријатија. Во повелбата се наведува дека развојот на економијата останува еден од врвните приторитети на ВМРО затоа што создавањето на висок и одржлив раст е основниот начин за зголемување на вработеноста и за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Затоа ВМРО ќе биде фокусирано на континуирано унапредување на поволна бизнис клима и одржување на вкупните трошоци за работа на фирмите меѓу најконкурентните во Европа и натамошно подобрување на инфраструктурата и правната сигурност.
Досегашните 13.000 новототворени работни места само преку СДИ е показател за добро трасираниот пат но и поттик за засилување на активностите и отворање на нови можности за граѓаните.
Како зацртана и проектирана тенденција ВМРО ќе се залага за остварување на економски раст од 4 до 5.5 процети во следните години доколку нема нова криза. Растот ке биде подржан и преку политиките на ВМРО насочени кон зголемување на платите, на пензиите, на социјалната помош како и задржување на високи земјоделски субвенции и целосна функционалност на Фондот за иновации за поддршка на малите и средни претпријатија.
ВМРО останува на политиката на едноставни и ниски даноци чии ефекти се стимулиран бизнис и намалена сива економија. За домашните фирми ВМРО и понатаму ќе задржи ниски непропменети даноци преку концептот за нулта стапка на данокот за реинвестирана добивка .
ВМРО ќе продолжи со засилени инвестиции во изградбата на патната и железничката инфраструктура. Ќе се објави концесија за изградба на автопат Гостивар-Кичево а ќе се работи и на железничко поврзување кон Бугарија, односно Коридорот 8 и Коридорот 10.
Ќе се продолжи со инвестирање и развој на туризмот преку задржување на политиката на субвенционирање која ќе овозможи евтини авионски летови до над 20 европски центри.
ВМРО ќе продолжи и со политиката на субвенции за СТП. До сега се исплатени 677 милиони евра како директна подршка. Таа ќе продолжи да се зголемува а ќе се овозмози и полесен пристап до кредити. Воедно, ќе има продолжување на мерката 50-50, олеснување на откупот и здружување и окрупнување на земјоделските производители.
Продолжуваат инвестициите и во здравството. Во повелбата стои дека ВМРО не гледа на тие инвестиции како трошок туку како на инвестиција во обезбедување здрава иднина.
Партијата се залага сега и во иднина секој човек да има еднаква и квалитетна здравствена заштита. Ќе се гради централен здравствен систем базиран на квалитетни знаења и вештини и добра здравствена инфраструктура.
Посебен дел се посветува на развој на образованието, културата, младите и спортот, како и демографијата, семејството и традицијата како посебен фокус.
Во однос на надворешната политика, останува фокус членството во НАТО и ЕУ. Посебен фокус ќе се стави на продлабочување на односите со соседите како и продолжување на традиционалното пријателство со САД.
Еден од приоритетите останува владеењето на правото и борбата против корупцијата.
ВМРО-ДПМНЕ се залага за унапредуванје на културата на законитост, почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот и темелните вредности на уставот. ВМРО во повелбата посветува внимание и на дијаспората.