Раст на македонскиот туризмот од 10 проценти за годинава најавуваат надлежните институции. Очекувањата ги темелат на интензивна промоција на понудата, развивање на кластерското здружување, соработка со туристичките центри од регионот. Најавуваат активности за развивање на верскиот туризам, пренесува МИА.
Потенцијалите на домашниот туризам се претставуваат на 5. Меѓународен саем за туризам „Скопје Травел маркет“, што се одржува од денеска на Скопски саем. Присутните домашни и странски туристички агенции, хотели и тур-оператори промовираат туристички понуди, нудат можности за склучување договори за аранжамни, разменуваат искуства за потребите и желбите на туристите.
Македонската Агенција за промоција и поддршка на туризмот на РМ (АППТ) на Саемот, што ќе трае до 10-ти овој месец, се претставува на простор од 65 метри квадратни. Целта за поддршката на манифестацијата, според директорот на АППТ Кристијан Џамбазовски, е зголемување на внатрешниот туризам.
Статистичките податоци покажуваат дека во 2014 година во однос на 2013 бројот на странски потестители бележи зголемување од 7 проценти, а според Светската туристичка организација Македонија претставува една од најбрзо растечките држави во Европа во областа на туризмот.
– Тоа зголемување се должи пред се на агресивната медиумска кампања, подобрувањето на квалитетот на промотивните материјали, зголемениот број авионски линии до нови дестинации, зголемениот број чартер линии кон Македонија, влегувањето на нискобуџетни авиокомпании во транспортот и субвенците од Владата преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Нашето делување е насочено кон подобрување на туристичката понуда и очекуваме позитивниот тренд да продолжи годинава и ќе забележиме раст од приближно 10 проценти, рече Џамбазовски.
Најави продолжување на субвенциите, како и претставување на македонските туристички потенцијали во Келн, Римини, Париз, Лондон и Токио. Македонија, информира, ќе биде домаќин на првиот регионален самит за активен туризам во мај следната година во Охрид, со учество на околу 300 туроператори, настан кој ќе отвори нов пазарен сегмент и ќе придонесе за проширување на сезоната и за порамномерен регионален развој.
За поголем развој на туризмот, според министерот за економија Беким Незири, државите од регионот треба заеднички да ги промовираат своите понуди и да иницираат заеднички проекти.
– Иако сме мала држава Македонија има што да понуди во делот на туризмот. Во континуитет во претходните 8 години туризмот има раст за 40 проценти. Ова не значи дека треба да бидеме задоволни, туку со овој континутет и понатаму во соработка со соседните земји и институциите како УНИДО, Светската трговска туристичка организација овој процент да го зголемиме што побрзо, рече Незири на регионалната конференција за туризам, што се одржува паралелно со Саемот „Скопје Травел Маркет“.
На глобално ниво, како што рече, во развој е верскиот туризам, а Македонија токму тука има што да понуди. – Како Министерство за економија треба да работиме во тој правец. Во Македонија има цркви, манастири, џамии кои се стари со векови. Во нашата мапа и понуди можеме да понудиме многу други работи што не можат другите држави, истакна Незири.
Аднан Шерич, претставник на Организацијата за индустриски развој УНИДО, рече дека туризмот придонесува за економскиот развој и намалување на сиромаштијата, но тоа не се случува автоматски.
– Тоа многу зависи дали преку туризмот се отвораат нови работни места места и се остваруваат приходи. Сето тоа зависи и како се формираат поврзаностите со стручните дејности и дали се стимулира развојот на основата инсфраструктура и дополнителните услуги од кои има придобивки целата економија. Покрај тоа зависи и од добро осмислените стратегеии, политики и регулаторни рамки, укажа Шерич на отворањето на конференцијата.