Во Атланта “дишат” полесно, Вол ја пропушта целата полуфинална серија

Вашингтон Визардс е во шок откако беше обелоденето дека нивниот прв плејмејкер и најдобар кошаркар, Џон Вол ќе ја пропушти целата серија против Атланта Хоукс.

Еден од најквалитетните бекови во НБА на првиот меч помеѓу овие два тима се здобил со неколку ситни скршеници на дланката и зглобот, по што ќе мора да паузира минимум две седмици.

Иако “волшебниците” славеа на тој дуел и направија брејк, сепак цената беше навистина голема бидејќи уште на следниот натпревар се виде колку Вол недостасува во тимот од главниот град на САД, кога неговите соиграчи беа поразени со голема разлика.

Третиот дуел од оваа серија се игра утре вечер, а работата на Атланта, со тоа и на нашиот Перо Антиќ, ќе биде значително олеснета ако Вол не игра во продолжение.