НБА: Кливленд го врати брејкот, Клиперси на чекор до финале на Западот

Леброн Џејмс уште еднаш ја потврди својата кошаркарска големина, носејќи му ја на Кливленд втората победа во серијата против Чикаго булс.

Евентуален пораз на Кливленд ќе значеше и негатива од 1:3 и ќе го донесеше овој тим на работ на амбисот, но за тоа да не се случи се погрижи токму “Кралот Леброн”, кој со поени со звукот на сирената донесе триумф од 86:84.

Леброн го заврши мечот со 25 поени, 14 скокови и 8 асистенции, додека кај домаќините најефикасен беше Дерик Роуз со 31 поен. За Чикаго на овој меч не настапи Пау Гасол, кој заработи незгодна повреда на претходниот натпревар.

Тимот на ЛА клиперс се наоѓа на чекор до финалето на западната конференција откако синоќа славеше со 125:98 над Хјустон, поведувајќи со 3:1 во оваа серија.

ДеАндре Џордан беше најпрецизен со 26 поени, надополнети со 17 скокови, Блејк Грифин постигна 21 поен, додека Крис Пол го заврши мечот со дабл-дабл од 15 поени и 12 асистенции.