
Претседателот на Чешка Милош Земан денес изјави дека не е исклучена можноста Русија за 20 години да стане членка на ЕУ, пишува Танјуг.
– Можеби, на пример, Русија ќе стане членка на ЕУ. Нашите стопанства меѓусебно се дополнуваат. На Русија и е потребна современа технологија, додека на ЕУ и се потребни енергетски ресурси, изјави Земан за рускиот весник „Комерсант“.
Чешкиот лидер изјави дека според неговото мислење во овој момент во Русија „воглавно владее демократија“.
– Како прво, имаме слободни избори. Како второ имаме политички партии. Постои опозиција, која навистина е слаба, ама тоа е проблем на опозицијата, а не за другите. Освен тоа, демократијата – исто така е децентрализација, регионално самоуправување. Најважно е дека постои поделба на власта која им дава поголеми права на регионите. Тоа според мое мислење, е патот кон демократијата, вели Земан.